Хејгл: Терапијата и лековите ми го спасија животот

од Vladimir Zorba
301 прегледи

Американската актерка Кетрин Хејгл (44) работеше напорно за да постигне успех во Холивуд, а сега откри дека поради актерската кариера почнала да страда од анксиозност и невроза, а дека терапијата и лековите и го спасиле животот.

Хејгл, која најдобро ја паметиме како ѕвезда на хит серијата „Вовед во анатомија“, изјави дека глумата првично била дополнителна училишна активност за неа и дека не планирала да прави кариера од тоа. Но, штом таа и нејзината мајка донеле одлука да се преселат во Лос Анџелес за да видат дали Хејгл може да успее, и кога почнала да добива успешни ангажмани, вели таа, се изгубила во тој процес.

– Тоа што ненадејно бев некако дефинирана од јавното мислење за мене беше комплетна новина. И на почетокот беше многу позитивно, се чувствував многу добро, но потоа се се смени – изјави Хејгл за Yahoo, алудирајќи на коментарите дека веќе на самиот почеток од нејзината кариера ја карактеризирале како личност со која е тешко да се работи, неблагодарна и непрофесионална.

– Се чувствував многу изолирано, навистина полудував – признала Хејгл, која себеси се нарекува „угодувачка“’ бидејќи вложила многу труд да заработи нечија наклонетост, а на крајот станала огорчена поради тоа.

– Навистина ми беше тешко да се справувам со ваквото јавно мислење, а не бев доволно стабилна да не верувам во тоа. Поминав многу време во моите рани триесетти грижејќи се дека можеби тие се во право и дека навистина сум таков човек – открила актерката и додала дека тоа и предизвикало страшни нервози и вознемиреност.

Под рефлекторите и справување со низа негативни наслови, таа посакувала да има вештини да се справи со таква стресна ситуација во тоа време.

– Да знаев да се заштитам од сето тоа, немаше да се „јадам“ толку многу, порано ќе добиев помош и ќе го сменев тој дел од мене. Тоа е најлошото нешто што сум го поминала како возрасна личност, бидејќи не го разбирав. Мислев дека тоа е моја морална или карактерна слабост – изјави Хејгл.

– Моето ниво на анксиозност беше екстремно високо тогаш и се плашев од секој чекор што го правев, се што зборував и се што правев, додека се трудев да бидам совршена личност. Не знаев дека можам да го надминам и бев многу осамена во мојот проблем – признала актерката.

Кетрин изјавила дека како што стареела се помалку се замарала со такви работи. Како што растела, таа созревала и полесно се справувала со проблемите.

– Наскоро ќе наполнам 44 години и почнав малку да се навраќам наназад. И многу се каам за тоа. Фрустрирана сум од себе затоа што не знаев подобро, затоа што поминав толку многу време во тоа темно место на страв“, рече Хејгл.

– Ваквото будење, претпоставувам, се роди од сета таа вознемиреност, сета таа конфузија, сите тие внатрешни превирања во моите рани триесетти. Голем дел од излегувањето од таа ситуација беше да се едуцирам за менталното здравје, да ја добијам вистинската помош и конечно да земам лекови. Тоа всушност ми го спаси животот – заклучила актерката.

Слични содржини