Хејли Бибер, сопственичка на козметичкиот бренд „Роуд“ и сопруга на светски познатиот пејач Џастин Бибер, во емотивно интервју за списанието „Вог“ откри детали од своето породување, за кое вели дека било најтешкото нешто што некогаш го доживеала. Џастин и Хејли минатата година, во август, го добија своето прво дете — синот Џек Блус. Но, радосниот момент бил проследен со сериозни здравствени компликации.
„Породувањето беше лудо. Воопшто не беше лесно, ниту забавно. Породувањето траеше со часови, и тоа без епидурална анестезија или какво било друго олеснување“, раскажа Хејли. Најтешкиот момент дошол по раѓањето на синот, кога таа доживеала обилно крварење.
„Имав огромна среќа што мојата докторка беше таму. Верував дека нема да дозволи ништо да ми се случи, но искрено, толку многу крвавев што навистина мислев дека ќе умрам. Луѓе умираат од тоа, и таа мисла ми се вртеше низ глава“, признава Хејли.
Иако со радост се вратила дома со своето новороденче, се соочила и со емоционално тешки моменти. Периодот по породувањето го опишува како најчувствителниот во нејзиниот живот.
„Ми требаше време да се прифатам себеси и да не бидам премногу строга спрема моето тело. Навикнувањето на новата верзија од себе не е лесно. Сето тоа го поминував додека читав на интернет: ‘Се разведуваат’, ‘Не се среќни’… Тоа ме погодуваше. Не можам ни да го објаснам. Живеам луд живот“, додава таа.
Хејли, покрај сите предизвици, ужива во мајчинството и е благодарна што сè завршило со добар исход. Сепак, не ја крие болката и стравот што ги почувствувала – искуства кои, како што вели, ја промениле засекогаш.