Четири лица се водат како исчезнати откако се урна хеликоптер кој полета од нафтена платформа во Мексиканскиот залив, соопшти американската крајбрежна стража.
Потрагата траела осум часа и се уште не е познато дали потрагата ќе продолжи денеска предпладне, пренесе АП.
„Секогаш е тешко да се донесе одлука да се прекине потрагата“, рече поручникот Кевин Киф, од секторот Њу Орлеанс.
Пилотот на хеликоптерот и тројца работници од нафтената платформа паднале во Мексиканскиот залив, изјави Хозе Хернандез, портпарол на Осмиот округ на крајбрежната стража во Њу Орлеанс.
„Досега најдовме само делови од хеликоптерот, но не и луѓе“, додаде Хернандез.
Потрагата со бродови и хеликоптери опфати површина од околу 460 квадратни километри, а Хернандез рече дека се чини дека временските услови не биле фактор за падот.
Хеликоптерот паднал на околу 16 километри од брегот.