Хелсиншки комитет: Извештај во врска со последниот протест за случајот ,,Монструм”

363 прегледи

ИНСТИТУЦИИТЕ ДА ПОКРЕНАТ ПОСТАПКИ ПРОТИВ НАСИЛНИЦИТЕ ОД ТОЛПАТА, ПОЛИЦИСКИТЕ СЛУЖБЕНИЦИ КОИ ГИ ПРЕЧЕКОРИЛЕ ОВЛАСТУВАЊАТА И ПОТТИКНУВАЧИТЕ НА МЕЃУЕТНИЧКА ОМРАЗА

  1. Кратка хронологија на настаните во врска со случајот „Монструм“

(2012 – 2020 г.)

Судската постапка во врска со петкратното убиство извршено на 12-ти Април 2012 година во околината на Смилковското езеро, случај во јавноста познат под кодното име „Монструм“, ја бранува домашната јавност повеќе од осум години. За сиот овој период, судските одлуки, кои се носат од страна на Основниот и Апелациониот кривичен суд – не поминуваат без насилство и говор на омраза, кој се истура на улиците и социјалните мрежи.

Впрочем, првиот насилен протест на незадоволни граѓани од пресудата на Основниот кривичен суд Скопје се случи на 4-ти Јули 2014 година, односно четири дена по објавувањето на првата пресуда на 30-ти Јуни 2014 година. Тогаш со повреди се здобија дваесетина полицајци и беа приведени шест демонстранти. За време на протестот, во опасност беа доведени животите на мирните учесници на протестот и случајните минувачи. На 14-ти Декември 2015 година, Апелациониот суд Скопје ја потврди првостепената пресуда и изречените доживотни затворски казни. По објавувањето на оваа пресуда, повторно беше закажан и одржан насилен протест. Воедно, иако имаше подоцнежни протести, кои беа релативно помирни, сепак насилните протести се враќаат на сцена по секоја донесена судска одлука, практика што го става на тест не само судството, туку и целокупното македонско општество.

Од 2015 година наваму, во јавноста циркулираа многу шпекулации дека невини луѓе се предмет на прогон, поради што и можеме да претпоставиме дека истите имаа влијание на одлуката на Врховниот суд постапката да се повтори од почеток. Во повторената постапка, обвинетите преку нивните бранители имаа можност за изнесување нови факти и докази, при што сите процесни дејствија им стоеја на располагање. Сепак, имајќи го предвид образложението на последната пресуда на Основниот кривичен суд Скопје, одбраната не истакнала нови факти и нови докази, а повторното изведување на доказите, реконструкцијата на настаните и другото, не укажале на поинаква фактичка состојба од веќе утврдената.

Така, На 23 Февруари 2021 година, Основниот кривичен суд Скопје во повторената постапка за случајот „Монструм“ ја објави својата пресуда, според која за тројца обвинети   изречени се доживотни затворски казни, за двајца обвинeти изречени се затворски казни од 15 и 9 години затвор, додека еден обвинет е ослободен од вина.

  1. Насилните протести продолжуваат и во 2021 година

Минатиот петок, на 26 Февруари 2021 година, се одржа уште еден протест на незадоволни граѓани од пресудата. „Камења, шок бомби и повредени на протестот за случајот Монструм“ се само дел од насловите на медиумите чии новинарски екипи го покриваа протестот од самото место. Овој извештај ќе се обиде да ги сумира најважните информации кои се појавија во телевизискиот и интернет просторот во врска со протестот.

Имајќи го предвид насилството на претходниот протест одржан на  29-ти Јануари, кога беа фрлани камења, скршени стаклата и оштетен влезот на МНР при обидот демонстрантите да се приближат до ОЈО, полицијата овој петок ги задржа граѓаните и не им дозволи да се приближат до зградата на Кривичниот суд, односно групата беше спречена да продолжи со маршот до зградата на Владата. Самото такво постапување на полицијата од страна на групата беше примено како забрана на нивното уставно право на протест. Од друга страна, аргументот на полицијата е дека се работи за безбедносна проценка протестот да биде задржан на потегот ТЦ Мавровка – Битпазар, заради тоа што во толпата имаше една исклучително насилна група, веројатно составена од навивачи и помлади учесници на протестот, кои носеа фантомки на главите и беа наоружани со камења и други тврди предмети во рацете.

Јасно е дека до зовривање на страстите дошло поради пречекорување на законските овластувањата од страна на полицијата и поради злоупотреба на уставното право на протест од страна на дел од учесниците на протестот. Тоа може да се согледа од новинарските прилози и снимки од протестот, кои истиот ден беа пренесени од медиумите и споделувани по социјалните мрежи. Имено, од новинарските прилози, од една страна, забележливо е прекумерното насилство на малубројната, но исклучително насилна група учесници на протестот-провокатори, од чии дејствија исходот е 11 повредени полицајци, а од друга страна забележливо е прекумерното насилство и пречекорувањето на овластувањата на полицијата кон мирните учесници на протестот.

Тврдењата дека полицијата ги пречекорила своите овластувања, а дел од учесниците на протестот го злоупотребиле своето уставно право на протест, најдобро ги поткрепува фактот што двајца новинари беа нападнати на протестот, едниот од страна на непознати лица, дел од толпата, другиот од страна на полицијата. Така,  за нападнатиот новинар на „Слободен печат“, преку нивниот профил на Твитер, медиумот информираше дека бил нападнат од полициски службеник, при што насилно му бил одземен уредот за снимање и му ги избришале сите видеоматеријали. Сепак, видно од извадок од билтенот на дневни настани објавен на веб страната на МВР,[9] забележан е единствено нападот на новинар од страна на непознати лица дел од толпата, што е и единствен евидентиран настан во врска со петочниот протест.

Видно дека изминативе денови протестот е една од главните теми во јавноста, а социјалните мрежи вриеја од говор на омраза од двете страни. Анализа на коментари дадени на влијателните портали на македонски и албански јазик, за жал не враќа на реториката и наративот пред/по конфликтот од 2001 година. Преовладуваат закани со смрт кон одредени политички лидери, а особено кон специјалната јавна обвинителка Фатиме Фетаи, како и повици за обединување по етничка линија за насилно решавање на односите со другата етничка група и слично.

  1. Заклучоци и препораки

Изнесеното во овој извештај и далекусежните реперкусии врз општеството од ваквите случаи, кои се обременети со етнички и политички предзнак, укажува на неопходноста од брзо и професионално реагирање на институциите надлежни за истрага и санкционирање на прекршителите на законот.

Токму заради тоа, неопходни се следните дејствија:

  • Основното јавно обвинителство во координација со Министерството за внатрешни работи, да го пронајдат и приведат секој кој го прекршил законот, без разлика дали се работи за насилен учесник на протестот или активен профил на социјалните мрежи кој шири меѓуетничка омраза. По комплетирање на доказите, против овие лица треба да се покренат обвиненија пред надлежните судови затоа што овие конкретни физички лица се вршители на насилствата и поттикнувачи на меѓуетничката омраза, а не целите етнички заедници.
  • Секторот за внатрешна контрола при Министерството за внатрешни работи, треба да отвори интерни постапки за испитување на поведението на полициските службеници, кои, видно од снимките од протестот, ги пречекориле своите овластувања, затоа што кон мирните учесници на протестот употребиле непропорционална сила. Истовремено, потребно е испитување на поведението на полициските службеници кои ги спречиле присутните новинари на протестот слободно и објективно да информираат, имајќи го предвид фактот дека бил вршен притисок врз конкретни новинари да се избрише снимениот материјал.
  • Детално да се истражат сите напади на новинари и лица кои известувале за протестот без разлика од кого се нападнати, да се лоцираат извршителите и да се покренат обвиненија кон одговорните лица.

Сето ова е неопходно за да се пренесе пораката дека сите идни прекршувања на законите нема да поминат неказнето. Неказнивоста ги мотивира и дел од учесниците на протестот да се однесуваат како хулигани, но мотивира и дел од полициските службеници, од заштитници на јавниот ред и мир, да преминат во насилници што ги пречекоруваат законските надлежности.

Слични содржини