Американската компанија Hennessey, најпозната по одличните тјунинг проекти на тема американски „muscle“ автомобили, не верува дека погонската група на ултра-спортските автомобили мора да вклучува електрични мотори.
Со последниот проект кој се крие зад името F5 Evolution, познатата тексашка компанија Hennessey уште еднаш покажа дека не се во клубот на поддржувачи на се пораспространетата електрификација, а во исто време веруваат дека моторите со внатрешно согорување (не потпомогнати од електромотори) имаат иднина дури и во екстремно моќните верзии.
Пакетот F5 Evolution се базира на претходно претставениот ултраспортски модел Venom F5, а Hennessey го разви во соработка со Ilmor, кој „потпишува“ неколку клучни компоненти на централно лоцираниот 6,6-литарски „Fury“ V8 мотор, кој е потпомогнат од два турбо полначи NextGen од Precision.
Официјално најмоќниот сериски автомобил кој се придвижува исклучиво од мотор со внатрешно согорување развива 2.059 коњски сили и 1.959 Nm вртежен момент. Во Hennessey овојпат не ја спомнаа максималната брзина, но напоменаа дека карбонскиот двосед 322 km/h од место достигнува за 10,3 секунди.
Со пакетот F5 Evolution, кој (со претходна сопственост на Venom F5) чини 285.000 долари, доаѓаат и редизајнирани компоненти на каросеријата, чија оптимизација ја изврши познатиот д-р Марк Хендфорд, а преработена е и адаптивната суспензија што се прилагодува на секоја од шесте работни програми (Sport, Road, Race, Drag, Wet и F1)
Во корист на комфорот е опционалниот Touring пакет, со кој дуото во најмоќниот автомобил кој се движи само на бензин може да смета на карбонски држачи за чаши, повеќе покривки на карбонските седишта и помалку бучава што ја произведува издувниот систем.