„Хезболах“ го обвини Израел за експлозиите на стотици пејџери и вети одмазда

од Milan1
42 прегледи

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи ги осуди експлозиите на стотици пејџери во Либан, при што загинаа најмалку 11 лица, опишувајќи ги како „терористички акт“ за кој, според него, е виновен Израел, пренесува ДПА.

Во разговор со неговиот либански колега Абдала Бу Хабиб, Арагчи изрази сочувство и поддршка за Бејрут. Иранскиот амбасадор во Либан, исто така, бил повреден во експлозијата на пејџер, но неговата состојба не е критична, според иранските медиуми.

Либанската група „Хезболах“ го обвини Израел за нападот и вети одмазда, потсетува ДПА.

Ирак објави дека испраќа медицински тимови за помош на Либан, кој беше погоден од синхронизирани експлозии на пејџери, кои ги користеле членови на „Хезболах“. Владиниот портпарол Басем ал Авади ја нарече оваа акција „ционистички кибер напад“.

Ирачкиот премиер Мохамед Шија ас Судани нареди испраќање на медицински тимови во Либан, за да обезбедат итна помош за повредените цивили. Според владините изјави, „постојаните агресии од Израел и заканите за поширока војна бараат итна меѓународна интервенција“.

Министерот за образование на Либан, Абас Ах Халаби, повика сите училишта и универзитети во земјата да останат затворени во текот на денешниот ден како знак на протест против експлозиите на пејџери, кои ги нарече „злосторство извршено од израелскиот непријател“.

Пејџерите, кои се претходници на мобилните телефони, се користат од „Хезболах“ затоа што не можат да бидат искористени за лоцирање, што го отежнува нивното следење, посочува ДПА.

Слични содржини