Пред две години, Mercedes-AMG го симна Lamborghini од врвот на листата со најбрзи кругови во класата на сериски автомобили на патеката Nürburgring Nordschleife со време од 6:48.047.
Mercedes ја загуби титулата во 2021 година, кога Porsche 911 GT2 RS се врати во водство со 6:43.300.
Но, сега на ред дојде новиот хиперавтомобил Mercedes-AMG One со 1063 коњи, кој најбрзиот круг на истата патека го извозе со време од 6:30.70, односно дури 8 секунди побрзо од Porsche.
Подвигот е уште поимпресивен бидејќи возачот Маро Енгел, кој исто така го постави рекордот во 2020 година, извлече рекорден круг само неколку секунди пред патеката да се затвори тој ден.
Се разбира, производствените спецификации за One се доста далеку од типичниот патнички автомобил. Автомобилот е базиран на хибриден погонски агрегат добиен од F1 со средно монтиран 1,6-литарски e-turbo V6 и четири електрични мотори поврзани со литиумска батерија со високи перформанси од 8,4 kWh.
Ова дава моќност до 1.049 КС (782 kW) и овозможува брзина до 352 km/h.
На „Ринг“, Маро Енгел го постави автомобилот во режим „Race Plus“, максимизирајќи ја активната аеродинамика, спуштајќи го автомобилот за 37 mm на предната оска и 30 mm на задната страна, принудувајќи ги сите мотори на максимална моќност.
За да зачува доволно батерија за најкритичните делови со голема брзина, Енгел се потпираше на четиристепена контрола на протокот на енергија (EFC) и регенеративно сопирање секаде каде што е оптимално за обновување на батеријата.