Поранешниот американски претседател Бил Клинтон бил примен во болница во Калифорнија поради инфекција на уринарниот тракт што се проширила во неговиот крвоток.
Според американските медиуми, Бил Клинон вчера бил примен во болница за понатамошна анализа и лекување, при што останува во здравствената установа.
„Клинтон е во добра состојба, разговара со семејството и персоналот и може да се движи“, тврдат неговите лекари, но и асистентите на Клинтон.
Хилари Клинтон утрово го посетила Бил во болница, а актуелниот претседател Џо Бајден исто така телефонски разговарал со поранешниот американски претседател.
По дводневна терапија, неговата состојба се подобрува и добро реагира на антибиотиците, тврдат болничките лекари, додавајќи дека се надеваат дека Клинтон наскоро ќе биде пуштен на домашно лекување.
Лекарот на Клинтон за медиумите изјавил дека уролошките инфекции се вообичаени кај постарите луѓе и дека тие се лесни за лекување, но дека тие брзо можат да се прошират на крвотокот.