Холандскиот премиер Марк Руте најави дека идната недела основните училишта ќе бидат затворени поради новиот сој на коронавирус омикрон, а сегашните рестриктивни мерки ќе бидат продолжени до 14 јануари.
Училиштата ќе бидат затворени од 20 декември, односно една недела пред почетокот на божиќните празници, бидејќи децата, меѓу кои стапката на зараза од Ковид-19 е најголема, може да заразат постари членови од семејството, рече Руте на прес-конференција во Хаг.
Тој додаде дека тоа не е весела порака што ја донел пред Божиќ, но дека не е изненадување и дека владата не може да ги игнорира сигналите околу сојот омикрон.
Владата, исто така, ги продолжи до 14 јануари актуелните здравствени ограничувања, кои вклучуваат затворање продавници што не се неопходни, како и барови и ресторани секој ден од 17 часот до 5 часот наутро.
Граѓаните можат да примат само четири гости во своите домови.
Мерките стапија на сила на 28 ноември за првичен период од три недели.
Фото: BSR Agency/Getty