Холандскиот премиер Марк Руте призна денес дека мерките против коронавирусот биле укинати предвреме во Холандија и се извини за новите случаи, што е најголем пораст во годинава.
Минатиот петок, Руте повторно објави мерки за баровите, рестораните и ноќните клубови во обид да го запре растот на инфекции кај младите, само две недели откако беа укинати повеќето од мерките за локдаун во земјата, пренесува Ројтерс.
„Се покажа дека во пракса не е можно она што мислевме дека е можно“, изјавил Руте пред новинарите.
Неговото извинување означи ненадеен пресврт во неговиот став во петокот, кога тој постојано го бранеше претходното ублажување на ограничувачките мерки како „логичен чекор“ и одби да преземе каква било вина за можното лошо управување на неговата влада.
Инфекциите со корона во Холандија скокнаа на највисоко ниво во 2021 година во последните денови.
Досега, новиот скок на инфекции не доведе до значително зголемување на бројот на пациенти со Ковид-19 во болниците, имајќи предвид дека повеќето нови случаи се меѓу младите, па затоа е помалку веројатно дека ќе се разболат сериозно.