Холанѓаните сè повеќе ги следат упатствата на Светската здравствена организација (СЗО) за здрав начин на живот и пијат и пушат помалку и вежбаат повеќе, што ги прави да се чувствуваат поздраво, покажа нова студија.
Студијата од 2024 година ја спроведе националната статистичка служба „CBS“ и Институтот за јавно здравје „RIVM“, објави „NL Times“.
Анкетата покажа дека 45 проценти од возрасните Холанѓани ги следат упатствата на СЗО, во кои се наведува дека не треба да се пие алкохол, а ако се пие, тоа не треба да биде повеќе од еден пијалок дневно.
Еден од пет испитаници изјавил дека воопшто не консумирале алкохол во изминатата година.
Повеќе жени (54 проценти) го следеле ова упатство отколку мажите, за кои овој процент бил 35 проценти.
Бројот на пушачи во Холандија, исто така, продолжи да се намалува, при што 16 проценти од жителите користеле тутун минатата година, во споредба со 17 проценти во 2022 година.
Во исто време, бројот на корисници на е-цигари се зголеми од два проценти во 2020 година на четири проценти минатата година.
Студијата, исто така, покажа дека холандските жители ги следат упатствата на СЗО за физичка активност и вежбање, кои препорачуваат најмалку 150 минути умерено вежбање неделно и тренинг за сила двапати неделно.
Жителите на Амстердам почесто го следеле ова упатство (57 проценти), но исто така почесто пушеле (20 проценти).
Испитаниците биле прашани и како се чувствуваат во врска со своето здравје, на што 74 проценти од нив рекле дека се чувствуваат добро или многу добро, малку повисок процент отколку во анкетата од 2022 година, објави „NL Times“.