Холографските „шофершајбни“ доаѓаат на автомобилите во 2027 година

од Vladimir Zorba
58 прегледи

„Војната на екраните“ во автомобилската индустрија продолжува и достигнува ново ниво, а пример е Cadillac Escalade кој доби огромен дисплеј од 55 инчи, додека Lincoln Navigator има екран од 48 инчи. Затоа, се поставува прашањето кога производителите ќе направат уште поголем чекор, а промената би можела да дојде релативно брзо.

Hyundai Mobis се здружи со Zeiss на проект за холографско ветробранско стакло. Оваа технологија ефективно го претвора целото ветробранско стакло во високо-технолошки „head-up“ дисплеј, кој може да ги замени таблата со инструменти, екранот за инфозабава, како и екранот на патникот. Дополнително, поради фактот што се работи само за проекција, возачите можат да видат различни информации без да го тргнат погледот од патот.

Иако звучи како фантазија, компаниите тврдат дека оваа „технологија од соништата, која претходно постоеше само во филмовите и рекламите, наскоро ќе стане реалност“. Ако се оди според планот, масовното производство би требало да започне во 2027 година.

Сè уште има малку детали, но Hyundai Mobis вели дека дисплејот се потпира на високотехнолошки проектор, како и на проѕирен филм кој се нанесува на шофершајбната. Филмот е само малку подебел од човечко влакно, неговата дебелина е 100 микрометри.

Прелиминарниот развој на производот е веќе во тек, а технологијата неодамна беше демонстрирана за домашните производители на автомобили. Ова веројатно се однесува на компаниите Hyundai и Kia.

Компанијата е подготвена за нови клиенти и очекува светскиот пазар на холографски HUD екрани да порасне на околу 7 милиони единици до 2030 година и да стане нов тренд во следната генерација на екрани.

И додека чекаме да видиме дали холографските екрани ќе станат „новата голема работа“, Hyundai Mobis тврди дека тоа е драматична еволуција во споредба со постоечките head-up дисплеи и ќе овозможи „отворен и проѕирен ентериер“.

Слични содржини