Германската амбасадоркаво Скопје,Анке Холштајн во гостување за ТВ 24 изрази разочарување од ветото на Бугарија за С.Македонија да се почнат пристапните преговори со ЕУ.
– Тоа можам да го кажам и во името на мојата влада, во однос на проширувањето имаше голема цел на германското претседателство и тоа ни беше заедничка цел со РСМ пред крајот на годината да ја одржиме првата меѓувладина конференција со ЕУ и со тоа официјално да се почне со пристапните преговори. Таа цел досега не можевме да ја оствариме, остануваат ште неколку денови, но веројатноста тоа да ни успее не е особено голема, вели Холштајн.
Додава дека на маса имало многу различни предлози, огромно мнозинство на земјите-членки го поддржале тоа, но немало единство, иако во март е одлучено едногласно да се започнат преговори со земјава.
– Таа одлука не може дасе врати назад, обврзувачка е за сите земји-членки и за кредибилна ЕУ перспектива и за стабилноста на овој регион важно е да се започнат овие преговори. Прашањето не е дали, туку кога ќе започнат, вели германската амбасадорка.
На констатацијата дека канцеларката Ангела Меркел не извршила доволно притисок врз Бугарија, Холштајн вели дека Германија не е земја која врши притисок.
– Ние се обидуваме да ја постигнеме целта, која сакаме да ја постигнеме. Ако за време на нашето претседателство не успееме во тоа, тогаш ова досие ќе го предадеме на португалското претседателство и заедно со Словенија, знаеме дека проширувањето е во добри раце кај Португалија. Тие не убедија и рекоа дека ќе сторат се С.Македонија да ги направи следните чекори на патот кон ЕУ, вели таа.
Во однос на тоа дали само Бугарија стои зад блокадата, германската амбасадорка изјави дека во Советот на општи работи имало голема поддршка за нивните предлози за да се продолжи со преговорите со С.Македонија.
За излезот од оваа ситуација и проблемите со историјата кои ги наметнува нашиот сосед, Холштајн вели дека за сите земји добрите билатерални односи се значајни и тие треба да се конструктивни.
– За колку што е можно побрзо приближување на Македонија кон ЕУ, треба да се сконцетрирате на теми кои не се контроверзни – Коридорот 8, други мерки од инфраструктура. Билатералните разлики треба да се решат билатерално и да се оделат од пристапните процеси, особено историските прашања. Тие се сензибилни и комплексни, не треба да се мешаат со претпристапниот процес. Тоа би бил опасен преседан во регионот во однос на проширувањето. Реформскиот курс на владата е без алтернатива, нема ни друга атернатива кон евроинтеграцијата ако овој реформски курс се продолжи понатаму. Ако нештата се движат напред, тогаш ЕУ ќе биде подготвена да каже „да“ за почеток на пристапните преговори, тогаш Македонија ќе може да биде толку добро подготвена, што се ќе оди многу побрзо. Со тоа не би се изгубило многу време, истакна амбасадорката Холштајн.
Во однос на историските спорови додаде дека на нејзината земја и на Франција им требале многу години за да се преработи нивната историја. Но колку тоа може да биде добро, покажало дека на крајот двете земји имаат заеднички учебник по историја во училиштата, од кој учи и нејзината ќерка во Брисел.
– Ние (Германија и Франција) денеска се гледаме како мотор на ЕУ, вели таа.