Четврти член на екипажот е пронајден и спасен денеска откако бродска несреќа се случи во саботата во морето недалеку од Хонг Конг, објави кинеската државна телевизија CCTV.
Неговата состојба е стабилна, а спасувачите се уште трагаат по екипажот на бродот што потона, пренесе АП.
До денес официјално се водат за исчезнати 26 морнари.
Властите во Хонг Конг испратија авиони и хеликоптери во потрага по исчезнатите, но рекоа дека има мали шанси да се спаси уште некој.
Спасениот човек бил член на екипажот од 30 морнари на пловечкиот кран кој гради ветерници на крајбрежјето.
Бродот Фујинг 001 се скрши на два дела и потона кога налета на тропската бура Чаба, каде ветровите достигнаа брзина и до 110 километри на час, а потоа бурата стана тајфун, пред да ја погоди провинцијата Гуангдонг, како и Хонг Конг.
Чаба удри во Фуџинг 001 на околу 300 километри јужно од Хонг Конг.