Хоти: Јас го водам дијалогот, за териториите не се дискутира

од Stefanija Kuzmanovska
213 прегледи

Премиерот на Косово, Авдулах Хоти, ја претстави платформата за дијалогот со Белград, потенцирајќи дека тој ќе го води дијалогот и дека „територијалниот интегритет“ нема да биде тема во него.

Хоти порача дека нема натпревар, бидејќи, како што вели, неговите надлежности се јасни за процесот на дијалогот, пренесува РТК.

Процесот, тврди тој, ќе биде транспарентен и ништо нема да се договара зад затворени врати.

Тој повтори дека владата ги отстранила сите пречки во договорот со меѓународните партнери со цел да го продолжи дијалогот со Белград, но додаде дека доколку успехот во тој процес не се постигне во одреден период, може да се вратат мерките за реципроцитет.

Според приштинскиот портал „Лајми“, Хоти рекол дека владата ја известила опозицијата за рамката според која ќе се продолжи дијалогот, но дека опозицијата изразила незаинтересираност.

„Усвоивме рамка за дијалог во рамките на коалицијата и ја информиравме опозицијата. Она што сите мора да го знаат е дека прогласувањето на независност е траен процес за кој никој не може да преговара“, рече Хоти.

„Газета експрес“ пренесува дека, според Хоти, првиот принцип на платформата е зачувување на „територијалниот интегритет на Косово“.

Како втор, тој изјави дека договорот за нормализација на односите треба да биде во согласност со косовскиот устав и, конечно, документот да обезбеди „уставна организација на Косово“.

Целта, рече Хоти, е трајно взаемно признавање.