Премиерот на Косово, Авдулах Хоти, се закани дека Приштина повторно ќе воведе реципрочни мерки кон Белград.
Тој посочи дека тоа ќе се случи доколку процесот на дијалог не заврши со договор за заемно признавање.
По средбата со политички претставници на Албанците од југот на централна Србија, Хоти рече дека Приштина има право да му се одмазди на Белград за секоја мерка што, како што тврди, ја применува Белград, пренесува „Гласот на Америка“.
„Но, верувам дека со помош на меѓународни партнери, со кои сме вклучени во овој процес, нема да има потреба да се оди по тој екстремен пат. Секој ден имаме напредок кон конечниот договор“, вели Хоти.
За време на состанокот во Приштина, со претставниците на Албанците од југот на централна Србија ја претстави програмата за работа на неодамна формираната Канцеларија на Владата на Косово за т.н. Прешевската долина, односно трите општини на југот на централна Србија, во кои живеат припадници на албанското национално малцинство.