Хрватот Пицула е новиот известувач на Европскиот парламент за Србија

од Илинка Илиоска
42 прегледи

Европратеникот Тонино Пицула, поранешен хрватски министер за надворешни работи, е назначен за нов известувач на Европскиот парламент (ЕП) за Србија, потврди неговата партија. Пицула, долгогодишен член на Социјалдемократската партија на Хрватска, на оваа функција го наследува Владимир Билчик, кој не се кандидираше за нов мандат во ЕП.

Пицула е во Европскиот парламент од 2013 година, кога беше избран на вонредните избори одржани по повод влезот на Хрватска во Европската унија.

Во јуни 2024 година е избран по четврти пат за член на ЕП, каде што од самиот почеток на неговиот мандат е активен член на Комисијата за надворешни работи (АФЕТ). Тој е еден од најистакнатите пратеници кога станува збор за европската политика кон Западен Балкан, а се вели дека генерално е еден од најпрепознатливите пратеници во Европскиот парламент од 705 места во ЕП.

Тој беше известувач на ЕП за Црна Гора, како и за Инструментот за претпристапна помош (ИПА III) и Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан. Тој силно ја поддржува Украина и, како што се наведува, активно придонесува за усвојување и партиски и парламентарни документи со кои се осудува руската агресија.

На својот профил на социјалната мрежа Х, Пицула веќе јасно го дефинираше својот став за прашањето за политиката на проширување, нагласувајќи го она што се очекува од Србија – да ги убеди партнерите од ЕУ во нејзините вистински намери.

Пицула е хрватски политичар кој српската јавност го препознава по неговиот критички и остар тон во Европскиот парламент и во медиумските настапи, на сметка на официјален Белград. Во октомври минатата година, тој изјави за ХРТ дека Брисел треба да престане со политиката на фаворизирање на Александар Вучиќ, српскиот претседател.

Во официјалната биографија пишува дека бил учесник во Татковинската војна во 90-тите. Бил министер за надворешни работи во владата на Ивица Рачан (2000-2003), пратеник во хрватскиот Сабор, претставник на Собранието во меѓународни организации и градоначалник на Велика Горица.

Роден е на 31 август 1961 година во Мали Лошињ. Основно и средно училиште завршил во Шибеник, а во 1986 година дипломирал социологија на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Загреб. Кон крајот на 80-тите години бил ангажиран во списанието „Културен работник“.

Член е на Матица Хрватска и на Хрватското социолошко друштво. Оженет е и има ќерка. Се вели дека зборува англиски, но и италијански и германски.

Слични содржини