Нема да има санкции за невакцинираните и нетестираните, но нема да можат да дојдат на своите работни места, а неоправданото доаѓање на работа е дел од законот за работни односи за кој се предвидени санкции – изјави министерот за наука и образование на Хрватска, Радован Фукс за „Novi list“.
По есенските празници и два дена онлајн настава, повеќето ученици се вратија на училиште, иако во меѓувреме се зголеми бројот на заразени наставници и ученици.
Од вторник во училиштата се воведуваат ковид-потврди, без кои наставниците нема да можат да влезат на своите работни места.
Фукс ги повика сите да се вакцинираат и да размислуваат за интересот на децата.
– Веќе еднаш кажав и уште еднаш повторувам – тоа не е нечиј хир, секој од нас мора да направи се што може за што поскоро да излеземе од оваа ситуација. Вакцинацијата е единствениот начин да се вратиме во времето пред пандемијата. Не верувам дека има многу кои нешто ќе стават пред интересите на децата бидејќи сите ние што работиме во образовниот систем сме тука заради учениците – заклучи Фукс.