ЕУ ќе започне воена обука на украински војници на територијата на одредени земји-членки, а меѓу нив е и Хрватска, јавуваат тамошните медиуми.
Според извештаите, Европската унија ќе започне воена обука за најмалку 15.000 украински војници.
Веста за обука на украински војници во земјите на Европската унија ја соопшти високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жосеп Борел, по состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ.
Според неофицијални информации, за сега Полска и Германија се договориле обуката да се одвива на нивна територија.
„Политико“ пренесува дека на средбата и Хрватска поднела кандидатура да биде земја домаќин на обуката на украинските војници, пренесува „Јутарњи лист“.
Според неофицијални информации, обуката на борбените спасувачи и инструктори, како и на дел од инженерскиот персонал, би се спроведувала во Хрватска.
„Јутарњи лист“ наведува, повикувајќи се на неофицијални извори, дека командата на хрватската армија формира неколку мобилни тимови на инструктори кои би ги обучувале украинските војници надвор од Хрватска. Во тој случај, хрватски инструктори би тренирале украинска пешадија и артилерија.
Се уште не се знае кога би почнала обуката, колку украински војници всушност би пристигнале во Хрватска и колку хрватски инструкторски тимови би ги обучувале Украинците во странство, пишува хрватскиот весник.