Хрватската полиција синоќа повторно го затвори граничниот премин Бапска,на границата со Србија, затоа што прифатниот центар во Опатовац бил полн со мигранти, јави РТС.
Се очекува преминот повторно да биде отворен утринава. Хрватска синоќа на своја територија од српска страна пушти повеќе илјади бегалци кои на преминот Берасково-Бапска беа „заробени“ речиси два дена.
Во текот на денот Хрватска повремено ја отвораше границата кон Србија и преминот Бапска за минување на бегалци.
Хрватскиот министер за внатрешни работи, Ранко Остојиќ, изјави дека очекува натамошна стабилизација на ситуацијата, додавајќи дека прифатниот центар Опатовац и натаму останува единственото место каде бегалците и мигрантите се регистрираат.
Тој додаде дека Хрватска нема потреба од ангажан на дополнителни полициски сили.
Остојиќ кажа и дека во ситуација кога од Македонија доаѓаат 10.000 лица, Хрватска е подготвена во прифатниот центар да згрижи 5.000, додека останатите 5.000 мораат да останат во транзит.
Според последните информации, во Хрватска досега влегле вкупно 197.799 мигранти и бегалци./МИА