Двајцата пилоти на хрватскиот МИГ-21 што денеска се урна се пронајдени живи и се надвор од животна опасност, соопшти денеска Министерството за одбрана во Загреб.
Успешно се катапултираа и слетаа пилотите на двоседниот борбен авион МИГ 21 на хрватското воено воздухопловство, кој се урна за време на обука нешто пред 14 часот во ненаселена шумска област во Вировитско-подравинската жупанија, кај Слатина.
Во соопштението се наведува дека пилотите се во стабилна состојба, надвор од животна опасност и ќе бидат пренесени во болница на лекарски преглед.
Според медиумите, еден од пилотите ја повредил ногата. Медиумите неофицијално наведуваат дека авионот се урнал затоа што откажал моторот.
На местото на несреќата се испратени два хеликоптери на хрватското воздухопловство, припадници на воената полиција и беспилотни летала, како и припадници на хрватската планинска спасувачка служба, цивилна заштита и пожарникари.
Падот на МИГ-21 е трета тешка воена авионска несреќа во последните две и пол години во Хрватска. Во текот на 2020 година, четворица офицери на хрватското воздухопловство загинаа во две несреќи.