„Human Rights Watch“ тврди дека Турција гранатира цивилна инфраструктура во североисточна Сирија

од Nikola Popovski
221 прегледи

Турција ја оштетува клучната цивилна инфраструктура во североисточна Сирија со напади врз наводните позиции на курдските милитанти, соопшти во петокот „Human Rights Watch“.

„Додека вниманието на светот сè уште е насочено кон разорниот конфликт во Газа, под радарот во североисточна Сирија се интензивира уште една криза“, се вели во соопштението на „HRW“.

Турските бомбардирања и нападите со беспилотни летала врз клучната цивилна инфраструктура во североисточна Сирија „ги ставаат во опасност животните услови и им го отежнуваат пристапот на заедниците до електрична енергија, здравство и други клучни услуги“, тврди организацијата.

„Нападите кои предизвикуваат непропорционална штета на цивилите и цивилните објекти се забранети со меѓународното хуманитарно право, а намерното таргетирање на цивилната инфраструктура е воено злосторство“, додава „HRW“.

Турција тврди дека најмногу гранатира паравоени позиции предводени од Курдите во областа.

Сириските демократски сили (SDF), предводени од курдската паравоена YPG, како и локалните организации, ги отфрлаат тврдењата на Анкара.

„Во овие напади Турција најмногу цели на инфраструктурата со цел да повреди цивили. Турција тврди дека убила голем број наши борци. Тие тврдења се повторени лаги“, изјави портпаролот на SDF, Фархад ал Шами за германската новинска агенција dpa.

Анкара редовно ги гаѓа позициите на Курдистанската работничка партија (PKK) и YPG, сметајќи ги за национални закани.

Турската војска ги интензивираше своите операции откако неколку турски војници беа убиени во двата неодамнешни напади врз турските бази во северен Ирак од декември досега.

Анкара контролира области во северна Сирија и има воени бази во северен Ирак за да ја заштити својата граница од ПКК и сродните групи.

Слични содржини