Хутите: Подготвени сме за војна со големиот сатана за да ја одбраниме Палестина

од Stefanija Kuzmanovska
218 прегледи

Висок член на движењето на Хутите се закани дека ќе го претвори Јемен во „гробишта“ за САД по најновите американски воздушни напади врз позициите на Хутите.

„Јеменските власти, вооружените сили и народот се целосно подготвени да влезат во директна и општа војна со големиот сатана за да ја одбранат Палестина“, изјавил Али ал Кахум во интервју за иранската државна новинска агенција ИРНА, користејќи погрдни зборови за САД.

По најновите американски напади, Ал Кахум предупреди: „По оваа агресија, Јемен ќе се претвори во гробишта за Американците и тие ќе го напуштат регионот понижени“.

Повеќе од три месеци по почетокот на војната во Газа, расте загриженоста дека конфликтот ќе се прошири во регионален пожар. Во последните недели, Хутите постојано напаѓаа бродови во Црвеното Море на пат кон Израел. Како одговор, САД и нивните сојузници ги бомбардираа позициите на групата во Јемен.

Во меѓувреме, иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амирабдолахиан уште еднаш ги отфрли обвинувањата дека неговата земја е директно вмешана во нападите.

„Силите на отпорот во регионот, вклучително и Јемен, дејствуваат независно и во рамките на нивните интереси“, рече министерот во неделата, пренесува ИРНА.

Хутите се гледаат себеси како дел од таканаречената „оска на отпорот“, мрежа која се бори против Израел, заедно со другите групи во регионот кои се сојузници со Иран.

Слични содржини