И покрај проблемот со чиповите, Tesla очекува раст од 50%

од Vladimir Zorba
161 прегледи

Продажбата на Tesla ќе се зголеми за повеќе од 50 отсто во 2022 година, во споредба со минатата година, и покрај проблемите во синџирот на снабдување – изјави извршниот директор, Елон Маск.

Производителот на електрични автомобили објави рекорден профит од 5,5 милијарди долари минатата година. Продажбата во компанијата порасна за 71% до 53,8 милијарди долари во 2021 година, откако беа испорачани повеќе од 936.000 возила.

Но, компанијата предупреди дека растот ќе забави, бидејќи проблемите со синџирот на снабдување што ги засегаат производителите на автомобили продолжуваат да го ограничуваат нејзиниот производствен капацитет.

Маск рече дека 2021 година била „година на пробив“ за Tesla и воопшто за електричните возила.

– Додека се боревме со предизвиците во синџирот на снабдување во текот на годината, минатата година успеавме да ги зголемиме нашите количини за речиси 90 отсто – рече тој.

Tesla додаде дека нејзиниот синџир на снабдување е „главниот ограничувачки фактор“ за растот, „кој најверојатно ќе продолжи до 2022 година“.

Производителите на автомобили ширум светот се борат со недостиг на микрочипови, вклучително и проблеми во производството и синџирот на снабдување, иако се сметаше дека Tesla работи подобро од повеќето. Компанијата користи чипови кои не се толку ретки и брзо го надградува софтверот, додека конкурентите го забавуваат производството.