И покрај санкциите, милијарди долари и евра завршија во Русија

од Vladimir Zorba
71 прегледи

Откако САД и ЕУ го забранија извозот на нивните банкноти во Русија во март 2022 година поради инвазијата на Украина, оттогаш во таа земја пристигнаа банкноти од околу 2,3 милијарди долари во банкноти од долари и евра, според царинските податоци во кој имал увид „Ројтерс“.

Податоците објавени за прв пат покажаа дека Русија успеала да ги заобиколи санкциите што ги блокираат трансферите на готовина и сугерираат дека доларот и еврото остануваат корисни за трговија и патувања, иако Москва се обидува да ја намали својата изложеност на главните светски валути.

Царинската евиденција покажува дека готовината била префрлена во Русија од земји, вклучувајќи ги Обединетите Арапски Емирати и Турција, кои немаат ограничувања за водење бизнис со Русија. За повеќе од половина од вкупниот број на банкноти, земјата на потекло не е наведена во тие записи.

Во декември минатата година, американската влада се закани дека ќе ги казни финансиските институции кои и помагаат на Русија да ги заобиколи санкциите и воведе санкции за компании од трети земји во текот на 2023 и 2024 година.

Кинескиот јуан го надмина доларот по популарност и стана најтргувана странска валута во Москва, иако постојат значителни проблеми со плаќањето. Дмитриј Полевој од Astra Asset Management во Русија смета дека многу Руси сè уште сакаат девизи за патување во странство, како и за помал увоз и заштеди. „За поединци, доларот е сè уште сигурна валута“, изјави тој за Ројтерс.

Во 2022 година, Русија ги означи доларот и еврото како „токсични“ валути, бидејќи големите санкции ѝ го прекинаа пристапот до глобалниот финансиски систем, попречувајќи ги плаќањата и трговијата. Во Европа се замрзнати околу 300 милијарди долари девизни резерви на Банката на Русија.

Портпаролот на Европската комисија рече дека не може да коментира за поединечни случаи на примена на санкции. Тој нагласи и дека Европската унија соработува со трети земји кога се сомнева дека се заобиколуваат санкциите.

Царинската евиденција го опфаќа само периодот од март 2022 година до декември 2023 година. Ројтерс не можеше да пристапи до понови податоци.

Ограничени одливи

Руската централна банка брзо го ограничи повлекувањето готовина во странска валута по инвазијата на Украина, во обид да ја поддржи ослабената рубља. Според податоците, само 98 милиони долари во банкноти во долари и евра ја напуштиле Русија во периодот од февруари 2022 година до крајот на 2023 година.

Наспроти тоа, девизните приливи беа многу поголеми. Најголем прилив на девизи забележа малку познатата компанија Аеро-Трејд, која нуди бесцарински шопинг услуги на аеродромите и на летовите. Во тој период објави околу 1,5 милијарди долари на сметки. Аеро-Трејд регистрираше 73 пратки од по 20 милиони долари или евра, а сите пристигнаа преку московскиот аеродром Домодедово, меѓународен центар во близина на седиштето на компанијата. Пратките се опишани во царинските декларации како размена или приходи од трговија на брод.

Во повеќето случаи, Аеро-Трејд е наведен само како субјект кој подготвува и доставува царинска документација. Ројтерс не беше во можност да ги идентификува клиентите на Аеро-Трејд, ниту можеше да го одреди изворот или дестинацијата на готовината. Сопственикот на Аеро-Трејд, Артем Мартинјук, изјави за Ројтерс дека се сомнева во автентичноста на царинските записи. Тој одби да коментира повеќе. Компанијата во соопштението наведе дека „Аеро-Трејд не се занимава со снабдување на Русија со тврда валута“.

Според царинската евиденција, една пратка од 20 милиони евра, обработена од Аеро-Трејд, во февруари минатата година увезла „Ив Рошер Восток“, филијала на француската козметичка групација „Ив Рошер“, која работи со десетици продавници во Русија. Податоците не ја наведуваат земјата на потекло или името на добавувачот.

Матичната компанија во Франција, групацијата „Рошер“, објави дека ниту групата, а ниту „Ив Рошер Восток“, никогаш немале никаква врска со Аеро-Трејд, ниту пак го побарале предметниот трансфер. „Ив Рошер Восток“, како и сите ентитети на групата „Рошер“, се придржува кон законот“, рече портпаролот на групата. „Групата никогаш не се обидела и нема да се обиде да ги заобиколи санкциите за увоз на банкноти на долари и евра во Русија“, додаде тој.

Злато, оружје, банкарство

Повеќе од една четвртина од банкнотите од 2,27 милијарди долари биле увезени од банките, главно како плаќање за благородни метали, според царинската евиденција и лице запознаено со трансакциите.

Неколку руски банки примија готовина во вредност од 580 милиони долари од странство помеѓу март 2022 и декември 2023 година и извезоа приближно еднакви количини благородни метали. Во многу случаи, пратките со злато или сребро оделе кај фирмите кои ги снабдувале банкнотите, покажуваат податоците.

На пример, рускиот заемодавач Витабанк увезе 64,8 милиони долари во банкноти од турската компанија за трговија со злато Демас Кујумчулук во 2022 и 2023 година. Во истиот период, Витабанк извезла 59,5 милиони долари во злато и сребро во турската компанија.

Неименуван извор запознаен со операциите на Демас потврди дека компанијата била вклучена во серија трансакции пари за злато во кои се вклучени Витабанк и двајца други руски заемодавачи помеѓу март 2022 и септември 2023 година. Тој рече дека испораката на банкноти од Обединетите Арапски Емирати до Русија е единственото решение што Демас го пронашол за да ги заврши долгорочните договори потпишани пред да стапат на сила западните санкции со руските добавувачи на злато, додека сè уште се во согласност со турските и меѓународните прописи во врска со прекуграничните плаќања. Во третиот квартал од минатата година, откако беа завршени сите предвоени договори со руски компании, Демас стави крај на двонасочната трговија, рече лицето.

Слични содржини