Месната индустрија бара итна средба со Владата на која ќе се разговара за последиците од одлуката за замрзнување на цените на дел од прехрамбените производи.
Во разговор за „Локално“, сопственикот на „МИК Свети Николе“ Влатко Ѓеорѓиевски алармира дека мерката може да издржи само на краток рок, најмногу за период од два месеца во кои преработувачите ќе ги трошат сопствените резерви.
„Во случај мерката да продолжи после овој рок нам единствено ни преостанува да го запреме производството и да ги затвориме фабриките. Во услови на три пати поскапа струја и покачени цени на транспорт нема да издржиме. На замрзнувањето на цените не им претходеа план и стратегија“, вели Ѓеорѓиевски.
Според него, вака донесената мерка ќе предизвика штета од несогледливи последици за преработувачите, но и за граѓаните. Крајната последица тврди, ќе биде дефицит на месо и на сувомеснати производи кој ќе генерира уште поголеми цени.
Како алтернативи кои може да ги превземе Владата, предлага ослободување на компаниите од царински давачки на суровините, но и изедначување на условите на производство со оние во земјите од ЕУ имајќи ја предвид зависноста од светските берзи.
„Требаше да не подготват и да ни овозможат период во кој би обезбедиле повеќе суровини за залихи од подолг период. Сето ова требаше да биде реализирано пред одлуката да се замрзнат цените“, вели Ѓеорѓиевски.
Првиот човек на „МИК Свети Николе” прави паралела со ситуацијата во Србија која ги замрзна цените на одредени прехрамбени производи но интервенираше со стокови резерви. Но кај нас според Ѓеорѓевски е отворена дилемата дали нив ги имаме во доволна количина.
За него крајно непродуктивно е одлуката за замрзнување на цените да се донесе без претходни консултации со стопанствениците , а бизнисот да го превземе товарот од еконосмката и енергетска криза и ценовните шокови.
На негативните последици од мерката на Владата посочи и компанијата „Витаминка“. Во изјава за „Локално“ укажуваат дека ова замрзнување на цените може да има и повратен ефект и да предизвика дополнителна нестабилност на пазарот.
„Тоа значи дека следната набавка на суровини може да биде со многу повисоки цени. Ова посебно се однесува на суровото масло затоа што е берзански производ и неговата цена зависи од берзанските движења на цената“, велат во „Витаминка“.
Компанијата има набавено достатно количини сурово масло за непречено производство во следните два месеци. За овој период, производот ќе се продава по непроменета цена но се понатаму зависи од берзите.
„Извесно е дека берзанските цени ќе продолжат да растат и во овој период што секако ќе ја зголеми и нашата влезна цена. Тоа претставува реална закана за сите компании чии производи зависат од берзанските цени во насока да може да се соочат со сериозни загуби“, велат во „Витаминка“.
Владата ја донесе одлуката за замрзнување на цените на лебот, шеќерот, брашното, сончогледовото масло за јадење, млекото, свежото месо и сувомеснатите производи, сирење и урда на предлог на Министерството за економија. Оваа одлука ќе важи до крајот на јануари 2022 година.
К.В.С.