Американската технолошка компанија IBM објави дека ќе отпушти неколку илјади вработени низ целиот свет во четвртиот квартал од 2025 година.
„Во четвртиот квартал, спроведуваме акција што ќе влијае на низок едноцифрен процент од нашата глобална работна сила“, изјави портпарол на компанијата за CNBC.
Според нејзиниот последен годишен извештај, IBM имал околу 270.000 вработени на крајот од 2024 година. Доколку компанијата ја намали својата работна сила само за еден процент, тоа значи 2.700 отпуштања, што укажува дека ова е селективно, но сепак значајно прилагодување на трошоците и структурата на нејзиното работење.
Компанијата нагласува дека целта е да се зголеми ефикасноста во организацијата.
IBM објави подобри од очекуваните резултати за третиот квартал од 2025 година на крајот на октомври, со раст на приходите од 10 проценти во сегментот на софтвер, што придонесе за стабилизација на целокупниот бизнис. Сепак, компанијата продолжува да реорганизира некои оддели, вклучувајќи ги маркетингот и комуникациите, каде што намалувањата беа направени уште во март 2024 година.
Овој потег доаѓа во време кога голем број технолошки компании ги преиспитуваат трошоците и тимските структури, честопати обидувајќи се да заменат одредени оперативни функции со алатки базирани на вештачка интелигенција. Слични одлуки неодамна донесоа и Amazon, кој објави отпуштање на околу 14.000 вработени, и Meta, чиј оддел за вештачка интелигенција намалува околу 600 работни места.