ИДУЕП: Подобрувања во користењето на социјалните медиуми од страна на јавните функционери во 2021 година

од Vladimir Zorba
284 прегледи

115 од вкупно 120 пратеници биле присутни на најмалку еден социјален медиуми во 2021 година. Носителите на извршната власт – Претседателот и Владата во целост биле онлајн, а бројот на активни градоначалници на социјалните медиуми пораснал за 3 споредено со 2020 година и изнесува 80 од вкупно 81. Политичарите и јавните институции се присутни на социјалните медиуми само кога сакаат нешто да соопштат, да се одбранат или да нападнат, а мислењата од граѓаните речиси се неважни, покажа редовната годишна Анализа на Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП).

За потребите на Институтот анализата ја изработи Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и нови медиуми, а активно беа вклучени и Јана Мировска, Магдалена Ристовска, Дарко Беровски, Елена Димчевска, Виолета Огњановска и Теа Димковска – студенти од втора година на отсекот „Односи со јавност“ при Правниот факултет „Јустинијан Први“ од Скопје.

„Повторно наидовме на веб страни на јавни институции кои не се фокусирани примарно на потребите и услугите за граѓаните, туку главно кон промоција на функционерите, односно објава на класична промотивна содржина. Она што годинава се забележува е дефинитивната потреба од изработка на усогласени правни процедури за примопредавање на корисничките сметки на јавните институции на социјалните медиуми. Ова е особено важно бидејќи политичарите често ќе се менуваат од раководните функции, но институциите мора да имаат континуитет. Ова е нормална демократска пракса во развиените земји и мислам дека е крајно време да ја спроведеме и кај нас, без притоа да зависи од човечката волја“, вели Бојан Кордалов, комуниколог и автор на оваа Анализа изработена за потребите на ИДУЕП.

Претседател

Кај Претседателот на Републиката, Анализата покажува позитивно непроменет резултат. И во 2021 година, како и претходните две, претседателот бил истовремено присутен со своја официјална веб страна, како и онлајн активности на Фејсбук, Твитер и Инстаграм.

Собрание

Пад за 4 споредено со 2020 година или 115 од вкупно 120 пратеници во Собранието биле активни на Фејсбук минатата година. Анализата покажува и пад за 2 на бројот на активни пратеници на Твитер, односно вкупно 24 биле активни на оваа социјална мрежа. Состојбата на Инстаграм останува непроменета каде свои онлајн активности во 2021, како и во 2020 година имале 35 народни избраника.

Анализата покажува дека вкупно 11 од 120 пратеници истовремено користеле Фејсбук, Твитер и Инстаграм, додека 5 народни избраници немале свој профил/страна или канал на било кој од социјалните медиуми во 2021 година. Споредено со 2020 година, се бележи пад и во овој сегмент (15 биле активни на сите наведени платформи, а само 1 граѓаните не можеле да го контактираат преку Фејсбук, Твитер или Инстаграм).
Влада и министерства

Раст на онлајн комуникацијата со граѓаните преку социјалните медиуми е забележан кај Владата. Секој член на владиниот кабинет или 20 од вкупно 20 министри биле активни на Фејсбук и во 2021 година. Твитер бил изборот на 16, додека Инстаграм на 15 министри, што е раст за 1 споредено со 2020 година. 13 министри биле истовремено активни на сите наведени платформи, што е подобрување за 3 споредено со 2020 година кога вкупниот број на активни министри на наведените платформи изнесувал 10.

Трета година по ред, оваа Анализа ги опфаќа го онлајн присуството на министерствата и веб платформата на Владата. Свои официјални веб страни во 2020 година имале сите 17 институции, а сите 17 биле активни на Фејсбук, 8 на Твитер, а 5 присутни на Инстаграм. Новина е следењето за прв пат на активноста на владиниот кабинет на ЈуТјуб, каде во 2021 година биле присутни вкупно 5 од 17 министерства. Само Владата, Министерството за надворешни работи и Министерството за политички систем се истовремено активно присутни со веб платформа, како и со свои акаунти на Фејсбук, Твитер, Инстаграм и ЈуТјуб. За прв пат нема случај кога некое министерство не нуди можност да биде контактирано од граѓаните преку социјалните медиуми, што претставува напредок споредено со 2020 година кога таква можност не нудеше 1 министерство, а особено со 2019 кога оваа опција не ја обезбедувале дури 5 министерства.

„Како земја се соочуваме со зголемена политичка апатија кај граѓаните, а особено тоа е евидентно помеѓу младите луѓе. Токму правилната активност на социјалните медиуми може да биде начин како да се привлечат младите да ги следат, но и да се вклучат во општествените активности. Социјалните медиуми се простор за интеракција, но мора да се сфати дека тие прераснуваат и во место каде се пријавуваат проблеми, даваат идеи и иницијативи – со еден збор тоа се места каде се обезбедува понепосредна демократија и можност за граѓаните, организациите и компаниите да се вклучат во процесите на одлучување. Зарем уште треба да се потсетуваме дека во ера на дигитализација, недозволиво е граѓаните кои сакаат онлајн да ги контактираат јавните институции, тоа да не им биде овозможено“, истакна Бојан Кордалов, автор на Анализата спроведена за потребите на ИДУЕП.

Напомена: По изборот на нова Влада, ИДУЕП во текот на 2022 година ќе изработи дополнителна анализа за степенот на користење на социјални медиуми од страна на новиот владин кабинет.

Градоначалници и општини

Мал напредок се забележува и во делот на активното користење на социјалните медиуми кај единиците на локалната самоуправа. 80 од вкупно 81 градоначалник биле активни на Фејсбук во 2021 година, бројка која е за 3 градоначалници зголемена споредено со 2020 година.
На Твитер во 2021 година биле активни само 6 градоначалници, додека на Инстаграм тој број изнесувал 37. Споредба со 2020 година: 7 градоначалници на Твитер, а 32 на Инстаграм; во 2019 година: 5 градоначалници на Твитер, а 25 на Инстаграм.

Статистиката покажува дека вкупно 5 градоначалници минатата 2021 година истовремено користеле Фејсбук, Твитер и Инстаграм, што е пад за 1 споредено со 2020 година. Во 2021 година само 1 градоначалник немал свое присуство на ниту еден од социјалните медиуми, што е подобрување споредено со 2020 година кога бројката била 3, а особено со 2019 година вкупно 7 градоначалници не биле активни на ниту една социјална платформа.

Кај општинското онлајн присуство се забележани следните статистики за 2020 година: Активни веб страни имаат сите 81 општина, 60 се присутни на Фејсбук, 4 на Твитер, а 11 општини нудат можност да бидат контактирани преку социјалната мрежа Инстаграм. За прв пат се анализира и активноста на ЕЛС на мрежата за видео објави, при што е забележано дека 25 од вкупно 81 општина биле активни со свој ЈуТјуб канал. Свое истовремено веб, како и присуство на социјалните медиуми (Фејсбук, Твитер, Инстаграм и Јутјуб) и оваа година имаат Градот Скопје и општина Карпош, додека, пак, во 21та година од 21 век, дури на 19 општини не можело да им се пристапи преку било која од овие социјални мрежи.
Споредба со 2020 година: Активна веб страна имале 79 општини, 60 биле присутни на Фејсбук, 4 на Твитер, а 17 на Инстаграм.

„Секоја година станува поочигледно дека е неопходно поставување на стандарди за транспарентност и двонасочна комуникација на јавните институции и нивните функционери со граѓаните и медиумите. Недозволиво е тие да бидат неактивни на социјалните медиуми во земја во која над една третина од граѓаните се присутни таму, а бројот на активни интернет корисници е речиси идентичен со статистиката во скандинавските земји. Отвореноста на јавните институции мора да се мери и со овој параметар, бидејќи од степенот на активноста на социјалните мрежи зависи и демократскиот капацитет на една земја. Активноста на социјалните мрежи и респонсивноста преку официјалните веб страни не е замена за комуникацијата и отвореноста на функционерите и институциите со медиумите. Напротив, колку политичарите се поактивни и поизложени преку дигиталните платформи, толку повеќе информации и материјал се создава и става на располагање на медиумите“, посочи Бојан Кордалов, автор на Анализата и координатор на Програмата за транспарентност, медиуми и дигитализација на ИДУЕП.

Слични содржини