Во Собранието на Северна Македонија на 11 ноември 2021 година ќе се одржи седница за доверба на Владата. Пред очите на македонската и меѓународната јавност се одвива завршната фаза од тајната разузнавачка операција „Коњички скок”, која има крајна цел враќање на Никола Груевски (ВМРО-ДПМНЕ) во Северна Македонија и соборување на актуелната власт, пишува во својата анализа Меѓународниот институт ИФИМЕС.
Оттаму потсеруваат дека ја предупредиле јавноста дека Зоран Заев (СДСМ) и неговата влада ќе бидат соборени по локалните избори, а тоа сценарио во моментов е во завршна фаза на реализација.
„Процесот започна јавно со објавување на „нон-пејперс” кои му се припишуваат на словенечкиот премиер Јанез Јанша (СДС). Во Северна Македонија и Босна и Херцеговина се одвиваат два паралелни дестабилизациски процеси, и двата координирани од Будимпешта. Оправдано е прашањето за улогата на Словенија како претседавач со ЕУ и нејзиниот премиер Јанез Јанша во овие процеси“, анализира ИФИМЕС.
Аналитичарите сметаат дека изненадувачки е фактот што некои Албанци се во функција на остварување на руските интереси.
„Задкулисните настани на македонската политичка сцена покажуваат дека дел од Албанците се уште тесно соработуваат со ВМРО-ДПМНЕ и со Никола Груевски. Соработката на македонските Албанци со Русите не е запишана во современата историја на Албанците, кои своите стратешки односи ги градеа пред се со САД. Настаните во Северна Македонија се особено опасни, бидејќи во исто време се синхронизирани со настаните во Босна и Херцеговина како најава за нова дестабилизација на регионот, не исклучувајќи ги вооружените конфликти. Дефинитивно, некои Албанци ќе застанат на страната на Русија со своите погрешни политички потези и ќе ја предадат Република Северна Македонија на Русија, со што ќе ја изневери довербата на албанските гласачи“, истакнуваат од Институтот.
Индикативно е, според ИФИМЕС, што две земји од регионот, членки на НАТО и ЕУ, активно учествуваат во операцијата „Коњички скок”, едната со нудење азил на Груевски, а другата со блокирање на Северна Македонија за почеток на преговори за членство во ЕУ.
„Двете земји имаат истомисленици во опозициските партии во Северна Македонија. Така, овие две држави на тој начин дејствуваат директно против интересите на организациите во кои се членови. Ваква акција не е забележана во досегашната историја на двете организации, а тие веќе треба да предизвикаат голема загриженост во Брисел. Загрижувачки е фактот што клучните безбедносни предизвици и закани за Северна Македонија доаѓаат од земји-членки на НАТО, чиј член е и Северна Македонија“, се додава во анализата.