Меѓународната федерација на новинари (IFJ) денеска соопшти дека досега оваа година 67 новинари и претставници на медиумите се убиени ширум светот додека ја извршувале својата работа, што е за 30 отсто повеќе од претходната година и најголем број во последните 47 години.
Извештајот на IFJ беше објавен во пресрет на Меѓународниот ден на човековите права, кој се одбележува утре, а поради зголемувањето на бројот на убиени медиумски работници, организацијата ги повика владите да преземат поконкретни активности за заштита на новинарите и слободно известување.
Организацијата со седиште во Брисел истакна дека 375 новинари во моментов се во притвор поради својата работа, најмногу во Кина, Мјанмар и Турција, додека минатата година биле приведени 365 новинари, пренесе АП.