Заморот по работа, стресните состаноци и сообраќајните метежи честопати ги наведуваат многу татковци да сакаат да го поминат остатокот од денот во мир – најчесто пред телевизорот или на каучот. Сепак, ново истражување покажува дека времето што татковците го поминуваат со своите деца, преку играње, цртање, читање или дури и пеење, има многу поголемо влијание отколку што се сметаше претходно. Вклученоста на татковците во секојдневните, забавни и образовни активности не само што ги зајакнува семејните врски, туку значително придонесува и за подобри резултати на децата во училиште.
Според податоците собрани од речиси 5.000 домаќинства, токму татковците кои активно учествуваат во развојот на своите деца им даваат предност во учењето, што е потврдено и со анализите на академските достигнувања. Како што објавува „Дејли меил“, ова не се сложени методи или специјализирани пристапи, туку секојдневни активности кои лесно можат да се претворат во моменти вредни за паметење и напредок.
Иако мајките можат да ги подобрат и вештините за учење кај своите деца, тие генерално имаат поголемо влијание врз нивното емоционално и социјално однесување, особено кога децата се мали.
Татковците можат да имаат уникатно влијание врз развојот на своите деца, велат истражувачите од Универзитетот во Лидс, но честопати се чувствуваат помалку способни да го сторат тоа, првенствено поради тоа што се преоптоварени од нивната работа.
„Мајките сè уште обично ја преземаат улогата на примарен старател и затоа обично го прават поголемиот дел од одгледувањето на потомството“, вели д-р Хелена Норман од Бизнис школата во Лидс.
– Доколку татковците се активно вклучени во воспитувањето на своите деца, веројатноста децата да добијат подобри оценки во основно училиште значително се зголемува.
„Затоа е клучно да се охрабрат и поддржат татковците да ја делат грижата за своите деца, заедно со мајките, уште од рана возраст“, додава таа.
Резултатите од студијата не се последица на фактот дека „две глави се подобри од една“ кога станува збор за воспитување на дете, туку дека татковците внесуваат некои различни работи во развојот на детето. Тие обично комуницираат со своите деца на различни начини од мајките, тврди истражувањето.
На пример, татковците имаат тенденција да бидат физички поангажирани и поактивни, што помага да се развијат однесувања што подоцна ќе бидат корисни во преземањето ризици и решавањето проблеми кога децата ќе пораснат.
Тимот истражувачи анализирал примерок од речиси 5.000 домаќинства со двајца родители во Англија сите со една мајка и еден татко, кои сè уште биле во врска.
Истражувањето не ги зело предвид семејствата со еден родител, децата на разведени родители кои живеат во различни домаќинства или истополовите парови со деца.
Активности што се идеални за вклучување на татковците во одгледувањето успешни деца:
Читање
Раскажување приказни (не читање од книги)
Свирење или слушање музика, пеење или изведување други музички активности
Цртање, сликање или изработка на предмети
Играње со играчки или игри во затворен простор
Учество во спортски или физички активни игри на отворено или во затворен простор
Водење на вашето дете во парк, активности по училиште или игралиште