ИЈЗ: „Подготвени сме да интервенираме доколку има потреба“ – јавноста чека информации од испитувањата во ЗОО Скопје

од Илинка Илиоска
94 прегледи

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) потврди дека во Зоолошката градина Скопје присуствуваат нивни инспектори, но засега не ја објавуваат точната причина за нивното присуство.

Според директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андонова, до попладнево не било добиено известување од АХВ дека е потребно и нивно интервенирање или спроведување епидемиолошки анкети со вработените во зоолошката градина.

Тоа може да се случи само доколку болеста или, како што се прошири во јавноста, „птичјиот грип“ се пренесува на луѓе.

„Ние сме подготвени доколку е потребно веднаш да излеземе на терен“, вели Андонова.

Поранешниот директор на Зоолошката градина, Ѓорѓи Галетановски, преку својот профил на Фејсбук алармираше дека смртоносна бактерија, односно птичји грип, е откриена во зоолошката, при што посочил дека инспекторите веќе вршат истраги и посетителите се евакуирани. Галетановски упати и јавен апел до сите што ја посетиле зоолошката градина во последните денови да се проверат за претпазливост.

📸 Галетановски алармира: Птичји грип во ЗОО Скопје, вработените и посетителите да се проверат

Локално веќе пишуваше дека инспектори облечени во заштитни скафандери влегле во зоолошката која денес е затворена за јавноста, а проверките и анализите сè уште траат за да се утврди дали навистина станува збор за опасен вирус како птичјиот грип.

ЗОО Скопје денеска под клуч: Инспектори од АХВ во скафандери прават испитувања за опасни вируси и бактерии

Вработени од зоолошката, апелираа да не се крева паника, бидејќи информациите сè уште не се целосно потврдени. Некои од нив исто така коментираат дека во моментов животните и Зоо Скопје се жртви на политичко препукување, а вработените претпрпуваат стресови.

Инаку птичјиот грип, познат и како авијарна инфлуенца, е заразна болест предизвикана од вируси кои главно ги напаѓаат птиците. Вирусот припаѓа на типот инфлуенца А, и може да варира од благ до многу сериозен, зависно од соевите. Некои соеви на птичји грип, како H5N1 и H7N9, се особено опасни за домашните птици и може да се пренесат на луѓето, што може да предизвика тешки респираторни инфекции и висока смртност кај заразените. Болеста обично се шири меѓу птиците преку директен контакт или преку контаминирани материи како храна, вода и измет. Поради ризикот од епидемии, птичјиот грип е под строг надзор од здравствените власти во повеќе земји.

И.И.

Слични содржини