Ikea лансира платформа за купување и продавање на половен мебел

од Vladimir Zorba
88 прегледи

Шведската компанија Ikea лансира нова платформа за купување и продавање користен мебел помеѓу корисниците за да се натпреварува со платформи како eBay, Craigslist и Gumtree. „Ikea Pre Owned“ ќе биде тестиран во Мадрид и Осло до крајот на годината, со идеја да се прошири платформата на глобално ниво, според Ingka Group, главниот оператор на продавниците на Ikea.

„Ова е наша желба долго време. Ikeа сега е во позиција да прави понапредни и интересни работи. Има неверојатна доверба во компанија која се развива дигитално“, изјави извршниот директор на Групацијата Ingka, Јеспер Бродин, пренесе Фајненшл тајмс.

Новата платформа е дел од трансформацијата што ја претрпе Ikea во последниве години, преминувајќи од концептот на големи продавници на периферијата, каде што клиентите сами го земаат и составуваат мебелот, до компанија која нуди онлајн продажба, продавници во центрите на градовите и услуги, како што е склопување.

Ikea веќе некое време купува користен мебел од клиентите и го препродава во своите продавници, но новата платформа е поамбициозна, бидејќи има за цел да развие пазар за половен мебел каде што клиентите продаваат директно еден на друг, област во која Бродин проценува дека Ikea има поголем удел на пазарот од продажбата на нов мебел.

Клиентите ќе внесуваат сопствени информации за производот, свои слики и цена, додека Ikea ја користи својата база на податоци за вештачка интелигенција за додавање промотивни фотографии и мерења. Купувачот го подигнува мебелот директно од продавачот, кој има можност да добие пари или ваучер од Ikea со бонус од 15 проценти.

Ikea претходно ја тестираше продажбата на својот нов мебел на платформи од трети страни, како што е Tmall на Alibaba во Кина, но платформата Preowned го претставува нејзиниот прв налет на „second hand“ пазарот. Тоа се вклопува и во желбата на компанијата да стане „циркуларна и климатска позитивна“ до 2030 година.

Слични содржини