Илчев: Македонија не сака да „проголта“ дека сме биле народ со заедничка историја до Првата светска војна

од Vladimir Zorba
384 прегледи

Професор Иван Илчев, член на бугарско-македонската комисија за историја и образование, во интервју за локален бугарски медиум вели дека „Македонија не сака да „проголта“ дека сме биле народ со заедничка историја до Првата светска војна“.

За средбата меѓу Петков и Ковачевски на 18 јануари смета дека постои илузија дека „Македонците во рок од шест месеци ќе се откажат од начинот на кој живееле, од она што им е всадено со години“. Сепак, според него, тоа нема да се случи.

На прашањето зошто „заглави“ работата на заедничката бугарско-македонска експертска комисија за историски и образовни прашања, чиј член е тој, Илчев посочи дека „колегите од Северна Македонија едвај сигнализирале дека се подготвени за промена, но потоа работите „заглавија“ и ние сме во мртва точка година и пол“.

Смета дека е можно Комисијата да се договори за заедничката историја, доколку не им се даваат рокови.

– Тоа нема да се случи во рок од шест месеци. Имајте на ум дека ова е нешто што е вкоренето сто години и е поддржано со официјални материјални привилегии за оние во Северна Македонија кои го исповедаат ова официјално кредо. Очигледно нема да „проголтаат“ дека сме биле народ со заедничка историја до Првата светска војна, потоа се разделивме. Тие не сакаат да го „проголтаат“ ова и да стават крај на големото измислено минато, истакнува професорот.

За тоа дали е можно прифатливо решение во догледна иднина, проф. Илчев вели дека „мора да престанеме со ова потсвесно чувство дека луѓето од Северна Македонија се наши браќа и да почнеме да се однесуваме кон оваа земја како секоја соседна земја која има свои интереси, како што и ние имаме свои интереси“.

– И мора да имаме на ум дека надворешната политика во Северна Македонија одамна е диктирана од Белград и досега нејзините приврзаници се многу силни во Скопје. Значи, не постои формула која е победничка и изводлива во блиска иднина. Дали сте виделе план што ќе правиме со Северна Македонија, да речеме, за 20 години?, праша членот на бугарско-македонската комисија за историја и образование.