Спречен влез на мигранти од Сиера Леоне скриени во камион во просторот за палети, како и уште четворица нелегални мигранти од Иран кои се обиделе да влезат во земјава во текот на изминатата недела, соопштија од Царинската управа. Мигрантите биле фатени при обид за влез од граничниот премин Богодорица.
„Четири илегални мигранти од Иран се откриени при контрола на товарниот дел на камион со турски регистарски таблички управуван од турски државјанин. Во друго товарно моторно возило во просторот за палети на камион со македонски регистарски таблички, управуван од македонски државјанин, се пронајдени четири илегални мигранти, државјани на Сиера Леоне„, велат од Царинска управа.
Цариниците заплениле и 569 разни производи со проценета вредност од над 594 илјади денари. Предметите биле запленети во два посебни случаи, а биле наменети за две фирми од Струга.
„Во првиот случај биле откриени 365 разни употребувани производи меѓу коишто и таблети, конзоли за видео игри, рам-мемории, рачни часовници како и 15 нови екрани за мобилни телефони. Во вториот случај биле откриени 189 разни употребувани производи меѓу кои хард дискови, машина за исфрлување тениски топчиња, гуми, бандажи, катализатори, фрижидери„, велат од Царинска управа.
Минатата недела на Табановце бил спречен шверц и на 442 парчиња облека, додека на граничниот премин Богородица е спречен шверц на разни производи како женски чанти паричници, тоалетни води и бижутерија со вредност од 193 илјади денари. Производите кои не биле пријавени во царинската управа биле пронајдени во кеси во просторот за багаж над патничките седишта. Од Царинска управа соопштија и дека во четири случаи на граничниот премин Богородица е спречен обид за криумчарење на 67 штеки цигари и пет штеки со патрони за електронски цигари.