Илјадници луѓе на масовниот протест на земјоделците во Берлин, исвиркан министер

од Stefanija Kuzmanovska
221 прегледи

Неколку илјади луѓе се собраа денеска во Берлин на масовниот протест на земјоделците против укинувањето на субвенциите за дизелот, при што министерот за финансии Кристијан Линднер го прекина говорот по навредите, придружени со гласни свирежи, упатени кон него од демонстрантите, јавуваат германските медиуми.

„Лажго“ и „Губи се“, извикуваа демонстрантите за време на говорот на Линднер, фрлајќи пиротехнички средства и лушпи од банани.

Уапсени се неколку лица, соопшти полицијата, а пренесува „Тагесшпигел“, без да го прецизира бројот.

Според податоците на полицијата, на денешниот собир во Берлин, со кој завршуваат еднонеделните протести против намерата на владата да ги укине субвенциите за дизелот за земјоделците, се собрале околу 8.500 учесници на протестот со 6.000 возила.

На присутните им се обратил Линднер, кој се обидел да покаже разбирање кон демонстрантите, наведувајќи дека тоа е легитимен и мирен протест и дека стравувал од „страшните слики“ за време на протестот, но тоа не се случило, поради што им се заблагодарил на земјоделците кои протестираат.

Поради гласните свирежи од учесниците на протестот, тој го прекинал говорот на почетокот на своето обраќање.

Линднер го бранеше кратењето на буџетот на федералната влада, но вети разговори за намалување на бирократијата и прилагодување на еколошките стандарди.

„Денес не можам да ветам поголема помош од владата“, рече Линднер и додаде дека неговата цел е да го зајакне работењето на земјоделците.

Слични содржини