Илјадници семејства бегаат од јужен Либан: Во израелските воздушни напади загинаа најмалку 274 луѓе

од Илинка Илиоска
26 прегледи

Илјадници семејства побегнаа денеска од јужен Либан во областите кон главниот град Бејрут и планината Либан по денешните израелски воздушни напади во кои, според последните податоци, загинаа најмалку 274 луѓе, а повеќе од илјада се ранети.

Најмалку 274 лица, од кои 21 дете и 31 жена, загинаа, а 1.024 се ранети во израелските напади врз јужен Либан во понеделникот, изјави министерот за здравство на земјата на прес-конференција, пренесе Ројтерс.

Патиштата што го поврзуваат јужниот пристанишен град Тир со Бејрут се наредени со колони автомобили полни со жени и деца и набрзина собрани лични работи. Повеќето од нив возат по главниот автопат Калдех кој води до јужниот влез во Бејрут.

„Напади има насекаде, а звукот е застрашувачки“, изјавила жена за ДПА, која била во едно од возилата. Човек од истото возило додал дека не знаат каде одат, но сметаат дека најдобро е да стигнат до главниот град.

Израел објави дека извршил повеќе од 800 воздушни напади врз цели и инфраструктура на Хезболах. Владиниот извор кој сакаше да остане анонимен рече дека „Израел се обидува да создаде криза со раселување со цел да го зголеми притисокот врз Хезболах“.

Додека Либан се соочува со најтешката економска криза во својата историја, се стравува дека нема да може да се справи со ваквото масовно раселување на населението.

Слични содржини