Еден ден откако австриската влада одлучи да воведе карантин за сите граѓани и задолжителна вакцинација од 1 февруари, противниците на мерките за коронавирусот организираа протести во центарот на Виена.
Илјадници луѓе се собраа во центарот на градот, на неколку локации, а најголемиот собир беше во Хелденплац, каде Партијата на слободата на Австрија (ФПО) повика на протест.
Меѓу насобраните е и еден од првите „антиваксери“, Мартин Рутер, кој рече дека „тоа веќе нема никаква врска со демократијата и дека нема да дозволи наметнување вакцина“, пренесе Танјуг.
Собирот го обезбедуваат 1.300 виенски полицајци, кои го контролираат носењето маски, бидејќи учесниците, според важечките епидемиолошки мерки, треба да носат маски ФФП2.
Во пресрет на собирите, полицијата предупреди на можно учество на екстремни десничари, што веќе се случи на претходните протести во првата половина од годината.