Илјадници луѓе повикаа на соживот меѓу Арапите и Евреите на митингот во Тел Авив вечерва. Вечерашните демонстрации беа само една од неколкуте одржани низ Израел за да се повика на мир меѓу Израелците и Палестинците по 11-дневниот конфликт во Газа, кој заврши со примирје рано во петокот.
Демонстрантите маршираа низ градот и подоцна се собраа на плоштадот Хабима каде им се обратија политичари и уметници.
Ајман Одех, лидер на главната партија на израелските Арапи во Кнесетот, израелскиот парламент, повика на формирање палестинска држава заедно со Израел.
„Тука има две нации. Двете заслужуваат право на самоопределување “, рече тој.
Израелскиот писател Дејвид Гросман рече дека „борбата денес не е помеѓу Арапите и Евреите, туку оние од двете страни кои се стремат да живеат во мир и фер партнерство и оние од двете страни кои се хранат со омраза и насилство“.
За време на конфликтот во Газа, најголем од војната на таа палестинска територија од 2014 година, избувна насилство меѓу Евреите и Арапите во градовите низ Израел, каде што живее мешано население.
Исто така, имаше насилство на друга територија на Западниот брег на Палестина меѓу израелските сили и палестинските демонстранти.
Конфликтот во Газа откри длабоко незадоволство кај Палестинците на териториите и во самиот Израел, меѓу другото, поради статус кво состојбата и ќор-сокакот во мировниот процес што трае со години, според Асошиејтед Прес