Полските националисти и десничарските радикали се судрија со полицијата, додека илјадници луѓе им пркосеа на пандемиските мерки за да се приклучат на „маршот за независност“ во Варшава
Неколку полицајци се повредени во судирите, објави полицијата на Твитер. Полицијата употреби солзавец и гумени куршуми против демонстрантите кои фрлаа камења и пиротехника, според снимките објавени на локална телевизија.
Беа фрлани кон полицијата со петарди, камења, шишиња од масата учесници на Маршот на независноста, што полските радикали и националисти традиционално го организираат на националниот празник на 11 ноември во Варшава.
Поради пандемиските и санитарните мерки, класичниот Марш на независност, кога десетици илјади националисти маршираа низ центарот на Варшава, беше забранет од градските власти, а судот ја одби жалбата на организаторите, па тие решија да го одбележат празникот оваа година со возење автомобили и мотоцикли украсени со национални знамиња и патриотски симболи.
Премиерот Матеуш Моравиецки апелираше до Полјаците да го изразат својот патриотизам денес со закачување на националното знаме на прозорци и балкони и останување дома, а претседателот Анджеј Дуда рече дека среде пандемија, вистинскиот патриотизам е одговорност да не се заразат сограѓаните.
Сепак, масата националисти, заедно со хулиганите на фудбалските клубови, тргнаа пеш по истата маршута, следејќи ги возилата, и покрај најавата на организаторите дека годинашниот Марш на независност е само моторизиран.
Првите инциденти се случија на плоштадот Де Гол кога шишиња, камења, петарди, метални огради и градски електрични скутери летаа кон полицијата од толпата – што и да им дојдеше под рака на хулиганите. Интервенираше и полицијата со солзавец, а неколку десетици луѓе беа уапсени, потврди портпаролот на полицијата во Варшава, Силвестер Марчак.
Според медиумските извештаи, избувна пожар во стан на маршрутата на маршот, на чиј балкон се наоѓаше постер од штрајкот на Полјаците против одлуката на Уставниот суд за забрана на абортуси речиси целосно, а учесниците на Маршот на независност – нелегалниот дел, фрлаа петарди и пиротехника на тој балкон и го запалија станот.
Никој не е повреден, а жителите и пожарникарите спречиле ширење на пожарот, објави регионалната противпожарна единица на Твитер, додавајќи дека „пожарот може да бил предизвикан од пиротехника“.
Полицијата подоцна се обиде да ги принуди учесниците на маршот пред Народниот стадион да се разотидат, повторувајќи дека, за разлика од моторизираниот дел, тоа е нелегално поради санитарни мерки и забрана на градските власти и судот, но судирите со полицијата се проширија на блиската железничка станица до стадионот Варшава а прекинат е железничкиот сообраќај помеѓу источните и западните делови на градот.
„Неколку полицајци беа повредени. Ние употребивме непосредна сила, вклучувајќи солзавец и во одделни случаи гумени куршуми“, рече полицијата.
Маршот на независноста беше организиран оваа година под слоганот „Нашата цивилизација, наши принципи“. Пред почетокот, еден од организаторите и водачи на радикалите, Роберт Виницки, постави три барања, од кои едното е против санитарните мерки со кои полските власти се обидуваат да се борат против епидемијата на вирусот корона.
„Имам три апели. До владата, Полската католичка црква и до младите. Ја повикувам владата да престане да клечи пред Брисел и Берлин, ги повикувам да се повлечат од патот на нивните претходници. Ние не сакаме таква држава. Ја повикувам владата да престане (поради пандемијата) Ние сакаме владата да им дозволи на Полјаците да живеат нормално“, рече Виницки.
Тој и се закани на Полската католичка црква дека, иако националистите излегоа за време на штрајковите на жените во последните две недели за да ги спречат да протестираат со упад во службите и со пишување пораки за легализирање на абортусот во црквите, тие немаат намера да бранат педофили во мантија.
„Ако сами не воведете ред, нема на левицата да и одговарате. Ќе се справиме со вас. Ние нема да ги браниме палатите на владиците, оние што кријат педофили. Ако не ја исчистите Црквата, ние ќе го сториме тоа“, рече Виницки.
„Учесниците на Маршот го организираа иако беше забрането од судот и градоначалникот на Варшава, и покрај негативната проценка на санитарната инспекција. Жалосно е што 102 години од стекнувањето независност во Полска, судските одлуки не се почитуваат и дека тоа се оправдува со патриотизам“, рече за порталот Onet.pl, портпаролот на градската влада во Варшава, Каролина Галецка.