Движењето „Има Иднина“ тргна на дијалози со граѓаните . Синоќа се оддржа првиот дијалогот во хотелот Средно Водно, а на него учествуваа повеќе јавни личности, политички активисти, професори, интелектуалци и стопанственици, како и млади луѓе.

– Потребно да се подигнат моралните вредности на општеството, кои денеска се на многу ниско ниво. Ваквите дијалози ги мотивираат граѓаните да се вклучат, и овозможуваат активна улога во градењето на сопствената иднина – рече Горан Рафајловски, професор на ЕТФ и поранешен амбасадор во Германија.
Овој дијалог, според организаторите, е вовед во проектот Дијалози со граѓаните, кои се предвидува во следниве десет месеци да се одржат во 20 градови во Македонија и во неколку скопски општини. Организаторите изразија задоволство од првата средба.
– Имавме многу квалитетен и отворен дијалог, со учество на повеќе заинтересирани граѓани во дефинирање на клучните прашања за иднината на Република Македонија. Ние сме многу задоволни од одѕивот на граѓаните и нивната желба отворено да се вклучат и да помогнат во изнаоѓање на одговори за прашањата кои не обременуваат сите нас – рече Горан Митевски извршниот одбор на Има Иднина.
Писателката Марта Маркоска рече дека готовноста за дијалог во кој ќе се слушне и ќе се уважи мислењето на другите е основа за зрели и стабилни меѓучовечки односи.
“Бидејќи се повеќе сме соочени со фактот што никој не сака да го чуе одговорот на другиот, туку, наврапито, брза да го постави своето прашање, а тоа води кон континуирани недоразбирања. Сослушувањето и уважувањето на туѓите мислења, ставови и идеи единствено води кон здрави и квалитетни меѓучовечки односи кои се темел за секое добро изградено општество” – рече Mаркоска.
Следниот дијалог е предвидено да се одржи во Куманово, за што, пројавија интерес повеќе граѓани од сите етнички групи.
Целта на Проектот „Дијалог со граѓаните“, во неговата прва фаза, е низ креативни разговори да се дојде до иновативни идеи и решенија за излез на земјата од политичката криза во која се наоѓа. Дијалозите се фокусирани и на потребата за нови системски решенија и трансформација на институциите на локално, регионално и национално ниво.