Има ли онлајн просторот поголемо влијание од традиционалните медиуми во изборната кампања?„Дезинформации и пропагандата полесно се шират на социјалните медиуми, важна е критичката опсервација“

Вистинитост и точност или лажни наративи во фокусот на изборната кампања во Македонија?

од Бисера Трајковска
16 прегледи Фото: ЗНМ

Во деновите кога привршува изборната кампања во првиот круг, на социјалните медиуми можеме да зебележиме вештачка интелигенција, разни написи но и фотографии од спротиставени страни на иста маса, како дел од алатките со кои се служат партиите за придобивање на гласачите. Ја изгубија ли медиумите вистинската улога кога се работи за фер и коректно информирање токму поради борбата за кликови?

Претседателот на Здружение на новинари на Македонија (ЗНМ), Младен Чадиковски за „Локално“ вели дека сите локални избори се важен демократски момент.

Како што посочува, во оваа кампања важно е сите ние да се држиме до начелата од кодексот на новинарите на Македонија – вистинитост, точност, проверка на факти и јасно разграничување меѓу информација и коментар.

-Така ја градиме довербата и го чуваме интегритетот на професијата. Но, да напоменам дека обврските не се само на новинарите и медиумите, и партиите и кандидатите потребно е да бидат отворени кон медиумите, да се однесуваат со достоинство кон новинарите, така покажуваат почит и кон публиката и кон потенцијалните избирачи, додаде Чадиковски.

Дополнително, посочува, постои јасен саморегулаторен механизам за коректно однесување во онлајн просторот. Тоа е кодекс за однесување во онлајн просторот за време на изборни процеси и референдуми и секој може да поднесе претставка за можни прекршувања – граѓани, организации, институции, партии или независни кандидати.

-ЗНМ го поддржува овој процес со активен придонес и ја охрабрува неговата доследна примена од сите чинители. Исто така, како Здружение на новинари на Македонија, внимателно ја следиме ситуацијата во целата кампања. Доколку на кој било новинар му е потребен совет или правна помош, може слободно да се обрати во нашата канцеларија, а ние стоиме на располагање, додаде Чадиковски.

Во однос на тоа дали социјалните медиуми во оваа кампања се над традиционалните медиуми во информирање на граѓаните, Чадиковски одговори дека во социјалните медиуми има простор кој што секогаш може да биде поширок, пораспространет. Преку социјалните медиуми полесно може да се шират информации.

Младен Чадиковски

-Социјалните медиуми не би можел да кажам дека се над традиционалните медиуми во информирање на кампањата, меѓутоа таму има еден простор кој што секогаш може да биде поширок, пораспространет и преку социјалните медиуми полесно мооже да се шират информации. Но, исто така, тие претставуваат и опасност бидејќи дезинформациите, лажните наративи и пропагандата многу полесно се шират преку социјалните медиуми, отколку преку традиционалните, појаснува Чадиковски.

Токму заради тоа, потенцира, треба со внимателност да се проследуваат и следат оние информации кои што се пласираат на овој начин.

-Не велиме дека сите тие се неточни, тоа апсолутно не е така, меѓутоа треба да подлежат на една покритичка опсервација од страна на читателите, вели претседателот на ЗНМ.

На прашање дали медиумите ја загубија вистинската улога кога се работи за фер и коректно информирање токму поради борбата за кликови, Чадиковски објаснува дека треба да работиме на описменување и на публиката и на читателите, за да можат да ги распознаат информациите кои што доаѓаат од традиционалните медиуми од една страна и од социјалните медиуми од друга страна.

-Во последно време тоа е вечна тема и би рекол и вечна борба. Не би рекол дека медиумите ја губат таа битка, меѓутоа треба да работиме на описменување и на публиката и на читателите за да можат да ги распознаат информациите кои што доаѓаат од традиционалните медиуми од друга страна и од социјалните медиуми од друга страна, вели Чадиковски.

Како што додава, на социјалните медиуми секој може да се претставува како новинар и да пласира информации како да се вистинити и точни, а тие да не подлежат претходно на посериозно факт чекирање и проверка за да можеме да бидеме сигурни во тоа што се пласира.

Б.Т.