„Страдаме во илузија дека сме немоќни, неспремни, зли и сурови. Љубов е лекот. Секој сам може да им стави крај на војните во себе, да биде лек за овој свет и секогаш свесен дека има љубов во нас. Ние сме љубов. Ти си љубов. Јас сум љубов!“ – вели Дани за својот најнов сингл „Има љубов во нас“ кој го промовираше вчера во АудиоКултура.
Композитор и текстописец на песната е Весна Малинова, а аранжманот е на Јордан Манов.
Музичкиот спот за „Има љубов во нас“ од вчера е достапен на Јутјуб, а аудио записот заедно со англиската верзија се поставени на сите музички платформи.
Режијата на спотот е на Марио Станковиќ, а Ени Вучидолова е асистент режисер. Спотот е во продукција на 2by4Digital.
Весна Малинова: „„Има љубов во нас” е повик и потсетување. Вистината која сјае во сите детски очи, која, како растеме, ја потрупуваме со стравови и ставови… интелектуални анализи и прагматични одговори… Љубовта е свеста и единствената причина што постоиме. Кога се губиме, насока да се пронајдеме. Сите сме љубов. Ти си љубов. Јас сум љубов.“
Дани е рок амбасадор на нашата земја веќе 25 години и зад себе има три албуми, бројни награди и признанија, успешни настапи и концерти. Со новиот албум најавува една нова ера во својата кариера, а нејзиниот глас и порака ќе бидат слушнати и надвор од нашите граници.