Данската полиција соопшти дека нема индиции дека пукањето што се случи во трговски центар во Данска во кое загинаа три лица, а неколку други беа ранети е терористички акт. Како што соопшти полицијата на оваа земја, осомничениот напаѓач имал психички проблеми.
Исто така, се додава дека за нападот е одговорен дваесет и двегодишен млад човек, кој имал пушка и муниција кога бил уапсен, пишува Би-Би-Си.
Обвинетиот денеска треба да биде изведен пред судија.
Да потсетиме, 22-годишниот Данец беше уапсен по голема потрага на полицијата во регионот Сјеланд во неделата вечерта.
Убиецот убил маж на возраст од четириесет години, како и две помлади лица од машки и женски пол. Ранети се и уште неколку лица, меѓу кои четири лица се во критична состојба.
Доцна синоќа се огласи и премиерката на Данска, Мете Фредериксен.
„Данска беше погодена од брутален напад во неделата вечерта. Неколку луѓе беа убиени, а повеќе се повредени. Невини семејства пазареа или излегуваа на ручек. Деца, адолесценти и возрасни. Нашиот убав и традиционално многу безбеден град се смени за дел од секунди. Ги повикувам Данците да застанат заедно и да се поддржуваат во ова тешко време“, рече Фредериксен.