„Има само еден услов“: Бен Афлек наводно е подготвен за нова врска по разделбата со Џеј Ло

од Vladimir Zorba
64 прегледи

Бен Афлек е подготвен за состаноци и нова врска по разделбата со Џенифер Лопез, изјавиле за Дејли Мејл извори блиски до 52-годишниот актер. За ова има еден услов – ќе излегува само со жени кои не пијат, со оглед на тоа дека во минатото имал проблеми со алкохолот.

„Бен не се откажал од врските и конечно се чувствува подготвен да продолжи напред и повторно да почне да излегува. Нема да навлегува во ништо сериозно додека не се финализира разводот, но тоа не значи дека не може да излегува“, изворот рече.

„Тој само сака да излезе со некој кој е трезен. Изминатите две години беа тешки за Бен и кога почнува да закрепнува, едно е многу јасно: неговото закрепнување е на прво место“, додаде тој.

Претходно беше познато дека Бен одел терапија и дека во неколку наврати се откажувал од алкохол. На тој чекор првпат се одлучил во 2001 година, а во март 2017 година објавил дека завршил со лекувањето од оваа зависност.

„Завршив со лекувањето, се соочив со ова во минатото и ќе продолжам да се соочувам“, напиша тогаш тој на својот Фејсбук.

„Сакам да го живеам животот во потполност и да бидам најдобриот татко што можам да бидам. Сакам моите деца да знаат дека не е срам да добивате помош кога ви е потребна и да бидам извор на сила за секој на кој му треба помош, но се плаши да го направи првиот чекор. Имам среќа што ја имам љубовта на моето семејство и пријателите. Ова беше првиот од многуте чекори преземени кон закрепнување“, додаде тој.

На крајот на август 2018 година, по „наредба“ на неговата поранешна сопруга Џенифер Гарнер, тој повторно заврши во центар за рехабилитација. Џенифер и уште една жена биле снимени како пристигнуваат во замокот на Афлек во Калифорнија, а потоа, како што пишува TMZ, Бен решил да го прифати мислењето на неговата поранешна сопруга дека му треба помош и со автомобил се упатиле директно до центар за лекување.

Неколку дена пред интервенцијата, на интернет се појавија фотографии на кои се гледаат големи кутии со алкохол, вклучувајќи виски и пиво, испорачани на негова адреса. Се вели дека ова била последната капка за Џенифер, која решила да му помогне.

Неодамна, актерот беше виден како излегува од центар за рехабилитација во Калифорнија. Судејќи по фотографиите, тој беше видно расположен. Некои странски медиуми шпекулираат дека тој дошол само за да им даде поддршка на луѓето кои се борат со разни зависности.

Потсетуваме, Бен Афлек и Џенифер Лопез се разделија годинава, по две години брак, а пејачката поднесе барање за развод. Ова дојде по повеќемесечни шпекулации за нивните проблеми. Џенифер неодамна за прв пат проговори по нивното раскинување и меѓу другото зборуваше и за Бен.

Таа рече дека чувствува дека навистина и треба раскинувањето. „Жал ми е што ми требаше толку долго за да разберам, а по неколку пати. Требаше да знам порано, сега знам“, рече таа и додаде: „Конечно ја научив лекцијата – ми требаа само 30 години“.

Лопез и Афлек првпат се верија во ноември 2002 година. Неколку дена пред да се венчаат во септември 2003 година, тие ја откажаа венчавката наведувајќи го „прекумерното медиумско внимание“. Во јануари 2004 година тие официјално раскинаа, но 16 години подоцна и дадоа на својата љубов уште една шанса, која не траеше долго.

Слични содржини