Суперѕвезди за народот и страшила за корумпираните – таква е сликата за борците против корупцијата во Романија чие најпознато лице е Лаура Ковеши, главен обвинител на Националната дирекција за борба со корупцијата (НДБК) во земјата, пишува Капитал.
За илустрација на тоа кој сѐ во Романија престана да биде недопирлив откако таму почна вистинската борба со корупцијата, ќе цитираме еден нивен весник: „Министрите осудени за корупција се доволно бројни за да си направат влада во затворот“. Максимата под која работи Националната дирекција за борба со корупцијата во Романија е – „Никој не е над законот“.
Во пресрет на периодот кога треба да се докажува специјалната јавна обвинителка во Македонија, Катица Јанева, заедно со нејзиниот иден тим, Каптиал издвојува неколку факти поврзани со досегашната работа на нејзината романска колешка, Ковеши:
– Поранешен премиер (Адриан Настасе, осуден на 4 години затвор), актуелни и поранешни министри, пратеници, сенатори, градоначалници, судии, олигарси блиски до политичките кругови, лежат/лежеа во затвор/притвор поради корупциски дела.
– Истрагите на НДБК вкупно доведоа до 743 осудителни пресуди во 2012 година, 1.041 во 2013, над 1.500 во 2014.
– Над 1.100 актуелни и поранешни државни функционери досега се судени благодарение на НДБК.
– Ковеши: „Над 1.000 од делата завршија со носење осудителна пресуда, а само 9% со ослободителна“.
– Лаура Ковеши за прв човек на НДБК беше предложена од тогашниот премиер и министер за правосудство, Трајан Басеску, но, неговиот брат Мирча Басеску по истрага што ја нареди токму таа помина во притвор шест месеци по обвинение за тргување со влијание и земање поткуп од 250.000 евра. Во затвор заврши и миленичката на Трајан Басеску, Елена Удрја, која е поранешен министер за туризам, поранешен пратеник и кандидат за претседател.
Повеќе на Капитал на следниот линк.