ИМАМЕ КРВ НА РАЦЕТЕ: Шварценегер ја обвини Европа за финансирање на војната во Украина (ВИДЕО)

од Nikola Popovski

Поранешниот гувернер на Калифорнија и познат актер Арнолд Шварценегер во вторникот ја обвини Европа дека ја „финансира војната во Украина“, бидејќи продолжува да купува руска нафта.

„Без разлика што мислите за тоа, ние имаме крв на рацете затоа што ја финансираме војната“, рече Шварценегер за време на говорот на климатската конференција „Австриски светски самит“ во Виена.

Шварценегер, кој долго време се бори со загадувањето, истакна дека војната во Украина е уште една причина да престане да користи фосилни горива.

„Не мора да се лажеме себеси. Веќе го имаме она што е потребно за да се извлечеме од фосилните горива. И сега постои морална обврска да ги користиме тие технологии“, рече Шварценегер.

Според него, руската армија истрелала 1.300 проектили во вредност од 7,7 милијарди евра во првите два месеци од војната во Украина, додека Европа во истиот период на Москва ѝ платила вкупно 44 милијарди евра за нафта и гас.

Тој истакнал дека иако Русија губи опрема, војници, тенкови и авиони, таа „не плаќа за оваа војна“.

„Си велат: Европејците ни праќаат пари, тие плаќаат за оваа војна“, рекол актерот. „Како и да гледате, ние имаме крв на рацете затоа што ја финансираме војната“, додал тој.

„Им го должиме тоа на украинските деца кои растат во засолништа за бомби“, резимирал Шварценегер.

Шварценегер порачал дека треба да се направи се за „да се елиминира нашата зависност од фосилните горива“.

„Мора да бидеме дел од решението, а не дел од проблемот. Неуспехот овде не е опција“, заклучил тој.

Слични содржини