Оркестарот на Македонската филхармонија, со почеток во 12 часот, во четврток и петок ќе одржи два концерти за деца со наслов „Имате ли ритам?“ преку организирана училишта посета.
Диригент е маестро Виктор Митревски, а аниматор и овојпат ќе биде миленикот на младата публика, актерот Мартин Јорданоски, кој ќе ги воведе децата во тајните на ритамот и неговата разновидност.
Посетителите ќе имаат можност да слушнат композиции од класичната, но и од модерната музичка литература, во кои акцент е ставен токму на ритмичкиот импулс – дела од Смокварски, Калифе, Андерсон, Бернштајн, Штраус, Де Фаља.
Концертот ќе ги донесе звуците и ритмите на Македонија, Либан, Куба, Шпанија…, а Јорданоски низ игра и хумор ќе се обиде да ги анимира децата „свирејќи“ на разно-разни предмети, докажувајќи дека ритамот го има насекаде околу нас. Овој пат посебно ќе се истакнат перкусионистите од оркестарот на Македонската филхармонија, кои ќе приредат и едно изненадување, а на сцената ќе настапат и неколку талентирани деца.
Виктор Митревски роден во Скопје 1987 година потекнува од музичка фамилија. На седумгодишна возраст започнува со часови по виолина. После успешниот матурски концерт во кој првиот дел свири на виолина, а во вториот пијано, во 2005 година започнува со студии по оркестарско диригирање на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во класата на Саша Николовски-Ѓумар. Во 2016 година, ги завршува студиите по хорско диригирање на престижниот Универзитет за музика и применета уметност во Виена, во класата на Ервин Ортнер. Следната година дипломира и оркестарско диригирање на истиот универзитет во класата на проф. Симеон Пиронков и Урош Лајовиц со концерт со Словачката Филхармонија. За време на студиите е активен учесник на неколку семинари со познати диригенти како Фабио Луизи, Симоне Јанг, Бертранд де Били, Јоханес Шефли и др. Во 2012 дебитира во Македонската Опера и Балет со „Аптекарот“ од Јозеф Хајдн, во 2014 диригира со Балтичката Филхармонија во Гданск, Полска. 2017 година следува успешното деби во Виена и тоа во Театар ан дер Вин со експерименталниот проект „Ја ослободуваме Евридиче). Истата година стапува во соработка со еден од најталентираните млади диригенти во Австрија, Рафаел Шлусенберг со кој што ја поставуваат операта Дон Џовани во Ваидхофен ан дер Ибс, за потоа следната година истата биде изведена и во Виена. Веднаш потоа ја диригира „Грабнување од сарајот“ и „Свадбата на Фигаро“ . Во 2019 следи дебито со Македонската Филхармонија, една година подоцна диригира и со „Скопски солисти“. Во 2020 е асистент диригент на Лео Хусеин во изведбата на светската премиера Хамлет на Јозеф Самер во Русе, Бугарија. Денес, Виктор Митревски работи во Театар ан дер Вин со хорот „Арнолд Шенберг“.