Управата за јавни приходи (УЈП) започна со активност која ќе ги опфати обврзниците на данок на личен доход (физички лица) кои во тековната 2020 година оствариле доход од закуп и подзакуп на движен и недвижен имот и обврзниците кои оствариле капитална добивка од продажба или размена на недвижен имот, учество во капиталот или друг подвижен или нематеријален имот, кои се должни да платат данок на личен доход по тој основ, а во даночната евиденција сè уште не е евидентирана уплата на доспеаните аконтации на данокот по налозите за плаќање издадени од Управата за јавни приходи.
Целта на оваа активност е усогласување на Управата за јавни приходи и даночните обврзници доколку аконтацијата на данокот е платена со налог за плаќање кој не е издаден од Управата за јавни приходи по поднесена електронска пресметка од страна на обврзникот, како и потсетување на обврзниците кои не ги платиле доспеаните даночни обврски за 2020 година.
Даночните обврзници кои ќе добијат порака на својот мејл (пријавен при регистрација на системот e-ПДД), со наслов Известување за неплатени аконтации на данокот на личен доход за 2020 година, од УЈП замолуваат да го следат упатството дадено во самата порака.