Инцидент во Мостар: Турист скокна од Стариот мост и предизвика жестока реакција кај мештаните

Непромислен потег на странски турист предизвика големо негодување и хаос во Мостар, откако тој без дозвола и надвор од организирани услови скокна од познатиот Стари мост во реката Неретва.

од Марта Пешевска
21 прегледи

Иако скокот помина без повреди, реакцијата на локалното население беше бурна. Очевидци сведочат дека веднаш по излегувањето од водата, туристот бил опкружен од група мештани, кои го пречекаа со навреди и, според неофицијални информации, и со физички напад. Неколку лица дури влегле во реката по него, додека други го пресретнале на брегот.

Целиот инцидент бил сниман со мобилен телефон и видеото за кратко време се прошири на социјалните мрежи, предизвикувајќи лавина реакции.

 

Професионалните скокачи од Стариот мост, кои со години ги изведуваат овие атрактивни, но опасни скокови во контролирани услови, повторно предупредуваат дека аматерските обиди можат да завршат трагично.

Инцидентот го отвори и прашањето за сè почестото неодговорно однесување на туристите. Локалното население сè погласно апелира за почитување на културните норми, безбедносните препораки и традицијата на градот, особено на локации од големо симболично и историско значење како Стариот мост.

Властите во Мостар најавуваат засилени мерки и можни санкции за оние кои се обидуваат да скокаат без одобрение и со тоа ја загрозуваат својата и туѓата безбедност.

Пораката од Мостар е јасна: туризмот е добредојден, но не по секоја цена.

Слични содржини